Петмина кандидати се охрабриле да го водат судот каде СЈО ги бие битките со функционерите од претходната власт. На еден ден пред завршување на огласот за избор на претседател на скопскиот Кривичен суд, покрај старите ривали, стигнале и нови кандидатури. Судијата Иван Џолев потврди дека денеска аплицирал. Неофицијално, негов најголем ривал останува поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски. Од судскиот совет очекуваат дека до заклучување на огласот ќе пристигнуваат апликации.
„Засега за позицијата на Кривичниот суд има пријавено 5 кандидати, но веруваме дека оваа бројка ќе се смени бидејќи очекуваме да пристигнат кандидатури и по пошта,а праксата покажува дека има кандидати кои поднесуваат кандидатури и до последен момент“, стои во соопштението на Судски совет на РМ
Најпримамливи се судсиките места за Скопскиот Апелационен суд, каде до сега за 4 огласи за судии се пријавиле 30-тина кандидати. Членовите на судскиот совет треба да изберат претседатели на судовите во Штип, Куманово, Тетово, Дебар и Ресен, двајца врховни судии и еден апелационен судија во Битола.
Овој оглас следи откако Судскиот совет го поништи претходниот поради застареност. Тогаш за првата фотелја на Кривичен суд во Скопје во тесна трка останаа судиите Џолев и Панчевски. Додека се чека изборот на претседател, во Кривичниот суд се сменија двајца претседатели, судијката Татјана Михајлова и актуелниот Стојанче Рибарев.