Македонското Собрание, со поддршка од мнозинството пратеници, донесе државничка одлука што обезбедува европска иднина за сите наши граѓани со заштитен македонски јазик, идентитет и култура, изјави на денешната прес-конференција Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
„По 17 години чекање, конечно ги започна долго очекуваните и заслужени пристапни преговори за членство во Европската унија.
Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, со чиста формулација, без фусноти, без дополнителни придавки и објаснувања.
Целата јавност можеше да види во Брисел дека македонскиот јазик е веќе дел од институциите на Европската унија, на официјалните канали на Унијата.
Гласно ечеше македонскиот јазик во ЕУ.
Во процесот успеавме да ги заштитиме националните и државни интереси, поставени со Резолуцијата што заеднички ја усвоивме овде во Собранието.
Со тоа паднаа во вода сите лаги, манипулации и хистерии што ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица ги ширеа во Собранието и надвор од него“, истакна Коциќ.
„Од друга страна се уште има молк од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за срамното нивно прифаќање на ознаката НМК за време на самитот на ЕПП.
Тоа е голема разликата. Македонски јазик во ЕУ наспроти НМК на Мицкоски на конгресот на ЕПП.
Веднаш по завршување на Меѓувладината конференција, започна и процесот на скрининг кој ќе даде простор да се вклучат сите и да се отвори дијалог овде во Собранието.
Процесот на скрининг е идентичен и за нас и за соседна Албанија со што паѓа во вода уште една манипулација на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем и нивниот Илија Димовски вчера јавно призна дека почнувањето на преговорите и скринингот се де факто чекор напред.
Како парламентарно мнозинство им честитаме на сите граѓани и упатуваме благодарност до сите пратеници кои со својот глас ЗА придонесоа за реализација на втората стратешка цел на државата – членството во ЕУ.
За разлика од нив, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побегнаа од салата и воопшто не собраа храброст ниту да гласаат.
Ние, пратениците од парламентарното мнозинство ќе продолжиме посветено да работиме на спроведување на реформскиот процес кој обезбедува подобар живот за нашите граѓани и не доближува до полноправно членство во Европската унија“, посочи Коциќ.