По информацијата на Телевизија 24 за огромните суми за патни трошоци што ги користат пратениците на сите партии и острите реакции во јавноста, денеска во Собранието презентирана иницијатива – како да се намалат трошоците, но и да се спречат злоупотребите на парите за оваа намена.
Еден од пратениците кој беше посочен меѓу народните избраници кои инкасираат најмногу пари за превоз, Томислав Тунтев, веќе поднел предлог до колегите од другите партии. Нуди четири алтернативи за намалување на овие трошоци.
„На моите колеги им дадов предлог со 4 алтернативи едно е постоечкото но да се регулира како што е потребно со цел да не се злоупотребува. Втората алтернатива која ја понудив за разгледување е со давање на државни станови за користење, за време на мандатот, но петок сабота и недела да ни бидат дадени за комуникација со нашите избирачи и со семејството.Третата алтернатива е давање на надомест за одвоен живот и изнајмување на стан под кирија или четврт е хотелско сместување кој ќе биде избран на тендер“, рече Тунтев.
Тунтев денеска се правдаше дека не е тој виновен што живее во Охрид и мора да вози по пет часа секој ден, но тие како пратеничка група уште за време на изборната кампања ветиле дека овие трошоци ќе се намалат.
„Тоа се пресметува со формула но знаејќи во каква држава живееме, знаејќи ја економската состојба воопшто знаеме дека за некој месец навистина не е во ред патните птрошоци да бидат поголеми од платата, зошто ме плаќа мене државата да бидат пратеник кој ќе учествува во законодавниот дом или да бидам шофер“, вели Тунтев.
Координаторите на другите пратенички групи имаат време да ја разгледаат иницијативата на СДСМ до крајот на месецот. Доколку не се согласат или не дадат свои предлози, СДСМ сам ќе поднесе предлог за законски измени. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во телефонски разговор за Телевизија 24 вели дека сè уште ја разгледуваат иницијативата и во наредните денови ќе заземат став за предлозите.