(ВИДЕО) Гозба на државна сметка

Еден ден по петкратното убиство кај Смилковско езеро, раководството на Управата за безбедност и контраразузнавање се гоштевало во еден од најскапите скопски ресторани. На сметката од речиси 30 илјади денари, покрај богатата трпеза се гледа и дека се пиело скапо вино, ракии и узо.

Во 2015, пак, во екот на акцијата за сузбивање на кумановската вооружена група во Диво насеље, раководството на Бирото за јавна безбедност јадело морски плодови и лосос на скара. Пет часа пред започнување на акцијата, УБК за октопод, бифтек и риба направило цех од  8 илјади и 280 денари.

Ова се само дел од сметките кои по доаѓањето на новиот министер станаа достапни за јавноста. Според информациите од МВР, од 2011 до 2016 година УБК за репрезантации потошила над 563 000 евра. Најмногу се трошело во изборните години 2011 и 2014,  кога Управата приложила фактури со над 130 илајди евра.

За истиот период, БЈБ за репрезентации потрошило 469 илјади евра. Симптоматичен е трошокот на БЈБ од 2011 година кога биле потрошена над половина од оваа сума.- дури 245 илјади евра. Администрацијата, под која спаѓа и кабинетот на министерот, во шест години потрошила 256 илјади евра. Во овој период, министерството вкупно потрошило 1 милион и 418 илјади евра народни пари.

Од приложените сметки се забележува дека не се штедело на храна и пијалок, па така освен скапите вина, директорите во МВР јаделе коњско месо, бифтеци од бизон, најразличен дивеч. Не изостанува ниту морската храна, како шкампи, јастрози, октоподи и најразлични спрецијалитети.

Вакви расходи за репрезентација кои се правдаат преку фактури, смеат да направат министерот, неговиот заменик, директорите на БЈБ и УБК  и државниот секретар. Но освен трошењето преку фактури, функционерите имале и службени картички со голем лимит кои исто така ги користеле за „гоштевања“.

Сашо Мијаклов како директор на УБК,  од 2008 до разрешувањето од службената картичка потрошил скоро 18 илјади евра. Шефот на неговиот кабинет пак, Тони Јакимовски, од службената картичка потрошил речиси 39 илјади евра. Екс министерката  Гордана Јанкулоска потрошила над 21 илјада евра.

Љупчо Тодоровски кој директоруваше со БЈБ од 2008та до 2013та од службената картица потрошил 10 илајди евра. Неговиот наследник, Митко Чавков до заминувањето од функцијата потрошил над 22 илјади евра.

Од МВР велат дека постојат индиции за злоупотреба на службената положба и овластување и ќе бараат државните ревизори да ги истражат трошењата. Од кабинетот на министерот брифираат дека ниту еден од овие трошоци не се однесува на оперативното работење, бидејќи за тоа постои друг буџет. Парите кои ги трошеле директорите на БЈБ и УБК, како и поранешните министри се исклучиво расходи за репрезентација.

Инаку, допрва треба да биде донесен нов правилник, со кој точно ќе се утрврди кои трошоци можат да бидат покриени на основ на репрезентација, со што ќе се намали можноста за манипилација со народните пари.

ТВ 24

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e