На трибината на СДСМ, што викендот се одржа во Крива Паланка, премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, покрај тоа што зборуваше за големите проекти што се реализираат во овој дел од државата се осврна и за успесите во земјоделскиот сектор, и кажа:
-За земјоделие, нема да зборувам многу. Вие го имате најдобриот министер за земјоделство што некогаш оваа држава го имала. Нема сегмент во земјоделскиот сектор кој што не е унапреден, нема земјоделец кој не е опфатен со мерки и политики за поддршка, рече Ковачевски.
Тој потсети дека оваа влада успеа да исплати заостанати субвенции во износ од 2,5 милијарди денари што не беа исплатени од 2015 година.
-За споредба, 2,5 милијарди денари чинеа 36 споменици во Скопје. Наместо да платат субвенции на земјоделците, тие правеа споменици во центарот на Скопје. Е, тоа е споредба на 11-те години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Тоа, го направивме благодарение на посветеноста и на се она што го прави Љупчо и тимот што го има во министерството за земјоделство, потенцира премиерот.
Ковачевски истакна дека се наоѓаме во најкризната година, и имаме историски најголемо покачување на субвенциите кај лозарите и сега ќе имаме 20% зголемување на субвенциите кај тутунарите. Така се сака својата држава и така се работи домаќински, додаде тој.