Од „бос на проституцијата“ чиј процес фрли сенка врз судскиот систем, преку бегалец и затвореник до обичен угостител. Дилавер Бојку Леку на големо познат за струшката јавност, но познат и за меѓународните анти криминални органи. Неговото име крена голема прашина во 2003 година кога се водеше судскиот процес против него за пет кривични дела поврзани со организирана проституција. Тој беше обвинет за трговија со бело робје и за заробување на млади жени од Украина, Романија и Молдавија, како и за физичка присила врз нив. Тогаш, Бојку поседувал три локали кои беа дел од обвинението како локации кои се користеле за проституција. Ноќниот клуб „Еспресо“ во неговото родно село Велешта, ноќниот клуб „Кис ми“ и хотел „Берн“ во близина на Струга.
Првично, за овие дела, Бојку доби минимална казна од 6 месеци затвор иако делата за кои се товареше беа потешки. Таквата пресуда фрли сомнеж на непристрасноста на судската постапка. Процесот го искритикуваа и САД кои тогаш водеа активна борба против трговијата со луѓе на Балканот. Во повторената постапка Бојку доби 3 години и 8 месеци затвор, но и оваа казна беше оценета како неадекватна за сторените дела, бидејќи се откажа клучниот сведок против него.
И новиот бизнис стана контроверзен во 2013 година кога се појавија јавните преписки со струшкиот градоначалник, денес пратеник Зијадин Села кој прати контроли на струшката плажа „Аква блу“ која Бојку ја има под концесија. Села најави контроли и рушење на нелегалните објекти кои концесионерите ги поставиле на плажите, а потоа го пријави Бојку во полиција за упатени закани.
Семејството на Бојку исто така беше вмешано во криминал. Братот и синот на Бојку пред две години беа обвинети за убиство на 23-годишно момче од селото Долна Белица. Синот на Бојку е во бегство, а братот во притвор. По убиството на Дилавер Бојку Леку останува на полицијата не само да трага по неговиот убиец, туку и да ги расветлува случаите за криминал со кои е поврзано неговото семејство.
Извор: ТВ24