Дванаесет мигранти, 11 од Пакистан и еден Египјанин, се пронајдени во возило „мерцедес“ на автопатот Скопје-Куманово при активностите за лишување од слобода на возачот Б.К. кој е дел од разбиената организирана криминална група за криумчарење мигранти во тек на вчерашната полициска акција.
Ја спровеле одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во соработка со одделот за специјални полициски операции при МВР и други организациски единици, како резултат на спроведената истрага и по добиени насоки од јавното обвинителство. За нејзино спроведување од септември лани се применети посебни истражни мерки.
Како што информираше денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски, вчера изутрина на автопатот Скопје-Велес се преземени активности за сопирање на возилото со мигрантите. Сопирањето на возилото во кое се пронајдени мигрантите, четворица во гепекот, а другите во внатрешниот дел на патничкото возило. Возачот, кој е и еден од организаторите, им бегал на полицајците и на одредени делови на автопатот Гевгелија Скопје и Скопје-Куманово движел се со брзина и до 200 километри на час. Откако ја пробил првата блокада продолжил да се движи при што во обид да ги избегне останатите полициски патроли со возилото ја искршил рампата на наплатната станица во близина на езерото „Младост„ во Велес упатувајќи се кон Куманово. Во близина на рафинеријата „ОКТА“, на автопатот Скопје-Куманово возилото било сопрено присилно и Б.К. е лишен од слобода.
Истовремено, како што рече Велковски, се преземени мерки за лишување од слобода на 13 лица членови на криминалната група кои живеат или престојуваат во подрачјето на Куманово, Скопје и Гевгелија за кои во тек на истрагата се обезбедени докази дека биле вклучени во организирање, прифаќање, транспорт, сместување и префрлање преку државната граница на мигранти.
При претресите се обезбедени повеќе предмети користени во доказна постапка: шест моторни возила, повеќе мобилни телефони и СИМ картички, 27.250 евра, пиштол марка М 57, рамка со четири куруми и нотес со податоци за лица и износи на парични средства.
– Четиринаесет мигранти кои беа откриени во возилото „мерцедес“, куќа и чајџилница во село Ваксинце се преземени од страна на граничната полиција и се предадени во Прифатниот центар за странци на МВР, рече Велковски.
Организатори на разбиената криминална група за криумчарење мигранти се лица од Пакистан и Авганистан кои подолг временски период престојуваат во Македонија, Србија и Грција. Тие во координација со мигранти и македонски државјани организирале криумчарење илегални мигранти од Грција преку Македонија и Србија кон западноевропските држави. Нивни соработници биле македонски државјани кои имаат улога на водичи, транспортери, сместувачи, извидница, логистика.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот на БЈБ потенцираше дека поради преземените активности и засилената контрола од страна на полициските службеници сумата која ја земаат лицата кои ги превезуваат мигрантите е зголемена неколку пати. Ако порано за транспорт на едно лице од Гевгелија до Куманово се наплаќало по 350 евра сега за та услуга се наплаќа минимум 350 евра по лица.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се преземени дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР на РМ против вкупно 23 лица. Меѓу осомничените има едно малолетно лице, а четири лица се државјани на Албанија. Според ОЈО, постои основано сомнение дека лицата сториле кривични дела – криумчарење мигранти по член 418-б и организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик..