Кулминира незадоволството на граѓаните на Крива Паланка за тоа каква вода во последниот период им се испорачува на користење преку ЈП Комуналец.
Погледнете каква вода тече низ чешмите на повеќето домаќинства во Крива Паланка. Ај што ЈП Комуналец ја зголеми цената за комунални услуги од 250 на 1000 денари за едно просечно 4 члено семејство, туку погледнете каква вода се испорачува до корисниците. – стои како коментар во прилог на видеото подолу.
Има разлика, еве каква вода пиеме во последните месеци. Таа од десно е наполнета од чешма а од лево е планинска.
“Тоа е најскапата вода во Македонија а се наплаќа од граѓаните на една од најсиромашните општини.”
“Само господ да не чува…Срамота. За што се плаќаме а што добиваме?!”
“Не е опасна, само е смртоносна а и најскапа. Поголеми сметки за вода, отколку за струја добиваме.”
“И била добра паланечката вода?!” – ова се само дел од коментарите на загрижените граѓани.
Инаку, деновиве актуелна тема во Крива Паланка е начинот на кој се управува со ЈП Комуналец. Опозиционата СДСМ го обвини директорот Томе Тодоровски, за според нив недомакинско работење. Како што изјавија од таму, Тодоровски само во првите 6 месеци од 2016 година потрошил 245 илјади денари по кафеани и ресторани во Скопје, Куманово, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Прилеп, но и во Врање, Белград, Виена, Софија, Врњачка Бања, Предејане и многу други. Со пари на граѓаните, директорот си купувал и фен, пегла за коса, душек…обвинија од СДСМ.