(ВИДЕО) 360°: Пад на аерозагадувањето во Скопје – граѓаните дишат почист но не доволно чист воздух

Поминаа три недели откако вториот човек во Министерството за животна средина јавно соопшти дека квалитетот на воздухот во Скопје се подобрува.

Јани Макрадули – заменик министер за животна средина и просторно планирање

Факт е дека оваа година имаме значително намалување на бројот на денови на надминати среднодневни концентрации на ПМ10 честички.

изјави Јани Макрадули.

Макрадули го темелеше својот став на податоците од мерните станици, од кои, пак, невладиниот сектор извлече сосема друг заклучок.

Невена Георгиевска – иницијатива „О2“

Значи, податоците беа тотално невистинити. Беа прво пријавени како да се за шест месеци, за зимските месеци, потоа излезе дека и тоа било грешка, меѓутоа не го демантираа.

реагираше невладината „О2“.

„360 степени“ провери – дали дишеме подобар, полош или ист воздух споредено со минатите години.

секојдневен сообраќаен метеж на улиците во главниот град

Типичен зимски ден во Скопје. Температура околу нулата, без врнежи и ветар и со намалена видливост. Од ридовите градот изгледа зачаден. На улиците – така и мириса.

панорамски поглед на Скопје од Водно

Каков воздух дишеме меѓу метежот од возила, луѓе и градби, мерат неколку инструменти. „Ректорат“ е името на мерната станица на крстосницата кај комплексот судови.

инструменти поставени на мерната станица „Ректорат“ – Скопје

„360 степени“ ги анализираше податоците за ПМ 10 честичките во последните осум години – од 2012-та наваму и пресмета во колку од тие 2920 дена скопјани дишеле загаден воздух.

податоци од мерната станица „Ректорат“

Податоците од мерната станица „Ректорат“ покажуваат дека во 2012 година дури 191 ден на таа локација се дишел нечист воздух, што на екранот е означено со црвена боја. Можеби било и полошо бидејќи, како што покажува сината боја, 45 дена таа година мерната станица не работела. Квалитетот на воздухот на локацијата се подобрил во следните три години, но по почетокот на изградбата на новите факултети во непосредна близина – ако може да прави таква поврзаност – тој стигнал до рекордни 221 ден со загаден воздух во 2018-та. Во 2019-та, кога градилиштето главно мируваше, значително е намален и бројот на денови во кој е надмината горната дозволена границата за ПМ 10 честичките.

податоци од мерната станица „Ректорат“

Сличен е трендот и ако се анализира просечната дневна концентрација на годишно ниво. 2012-та повторно е втора најзагадена година во истражуваниот период. Воздухот, потоа, значително се подобрил во 2015, но неговиот квалитет се влошил во следните две години. Во 2019-та повторно има позитивен тренд.

мерна станица за набљудување квалитет на воздух „Центар“

Мерната станица, која граѓаните на апликацијата „Мој воздух“ или на интернет ја гледаат како „Центар“, се наоѓа близу зградата на Нова Македонија. И за таа локација направивме пресметка – каков воздух се дишел во последните 8 години.

податоци од мерната станица „Центар“

За разлика од станицата „Ректорат“, во „Центар“ квалитетот на воздухот се подобрува од година во година. Најлоша за дишење била 2012 година со 211 загадени денови над дозволеното, кога патем имало и најмногу денови кога станицата не работела. Минатата, 2019 година, за прв пат се регистрирани помалку од 100 дена со недозволено ниво на ПМ 10. 

Речиси идентичен е и трендот на просечни дневни концентрации на ПМ10 честички на годишно ниво. Во 2012-та таа изнесувала 85 микрограми, додека во 2019 паднала за речиси половина – на 46 микрограми.

инструменти поставени на мерната станица „Центар“

Фактите можеби навистина покажуваат подобрување на квалитетот на воздухот на дел од мерните станици што ги анализиравме. Но, клучното прашање е – зошто?

поглед на Скопје од Водно

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули на прес-конференцијата во владата изјави дека подобрувањето на воздухот се должи на владините политики и стратегии. За ова истражување не добивме можност да поставиме повеќе прашања за таквиот заклучок ниту до него ниту до министерот Насер Нуредини.

поглед на Скопје од Зајчев рид

Невладиниот сектор, пак, не отстапува од ставот дека податоците немаат врска со владините политики туку дека се погодило времето.

Не, тука некаде е, исто. Во деновите кога немаме ветар загадувањето е исто дури некаде и се зголемува. Сега, проблемот беше што долг период некои мерни станици не работеа… Така што, овој пропуст, овие дупки во податоци многу ќе влијаат во понатамошни изработки на стратегии

вели Невена Георгиевска од иницијативата „О2“.

разговор со Невена Георгиевска од иницијатива „О2“

Георгиевска додава и дека не може да се тврди дека воздухот е почист, кога се мерат само мал број показатели.

Друг проблем е што ние не мериме се. Ние мериме тие ПМ10, ПМ 2,5 на некои мерни станици, но не се мерат тешки метали, кадмиум, олово, жива. Исто така, не се мерат фурани, диоксини, сите тие отровни супстанции, исто така, влијаат да покажат од каде доаѓа загадувањето.

смета Георгиевска.

Зграда на Управата за хидрометеоролошки работи

Но, од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека не само што немало повеќе ветровити денови последниве години што би довело до расчистување на  загадувањето туку напротив – дека ги има се помалку.

статистика на УХМР за бројот на ветровити денови (1981-2018)

Нивното научно објаснување за позитивниот тренд во квалитетот на воздухот е намалувањето на бројот на магливи и денови со сумаглица.

Смогот настанува кога маглата односно сумаглицата се комбинираат со индустриските честички. А за тоа најчесто е одговорна антициклонална ситуација, односно доаѓа до формирање на поле на висок воздушен притисок и спуштање на воздухот. Овој повишен воздушен притисок, условува целото аерозагадување кое што постои, а не е врзано со постоечките извори на греење, како што се топланите или индивидуалните ложишта, да биде притиснато кон тлото.

вели Александра Стевков – Советник за автоматска обработка на метеоролошки податоци при УХМР

Александра Стевков – УХМР

Според „Светската здравствена организација“ 9 од 10 луѓе во светот дишат загаден воздух. На годишно ниво, аеро-загадувањето е причина за 7 милиони прерани смртни случаи во светски рамки, додека во земјава проценките се движат меѓу 1.500 и 2.000 случаи.

360 Степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e