Вицепремиерот Битиќи на средба со штипскиот бизнис сектор

Замник-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска, во придружба на замник-градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов ја посети штипската компанија „Актива“.

Битиќи беше информиран за инвестициите на оваа компанија.

-Ова е пример како нашите компании знаат да одговорат на предизвикот, прво на пандемијата, а потоа да покажат како треба да сте конкурентни на домашниот, регионалниот и светскиот пазар. „Актива“ почнала во 1999 година со домашен компјутер на децата на сопственикот, а денес е компанија што вработува 500 лица и има преку 30 милиони евра годишен обрт, изјави Битиќи по посетата.

Во 2018 година „Актива“ потпишала договор за финансиска поддршка на инвестиции од страна на државата. Владата треба да ги следи инвестициите на оваа компанија наредните пет години.

Битиќи и Миланов остварија средба и со стопанствениците од Штип на која стана збор за четвртиот пакет економски мерки и директната помош од Владата за стопанствениците.

-Очекуваме дебата за четвртиот пакет мерки кои ќе придонесат за подобрување на функционирањето на нашите компании во услови на пандемија, рече заменик-градоначалникот.

Сопственикот на фирмата „Актива“, Илија Николов истакна дека успешните македонски фирми не треба да прават калкулации дали да им исплатат К-15 на вработените, туку за да ги задржат добрите работници да ги мотивираат со исплата на 13 и 14 плата. „Актива“ е 35. успешна компанија во земјава, а во време на пандемија не ги користи субвенциите за исплата на плата.

Битиќи на средбата со стопанствениците истакна дека е важно инвестициите да продолжат зашто само така, нагласи, се покажува како македонската економија ќе биде конкурентна на светскиот пазар и успешните домашни компании ќе се најдат на вредносниот ланец на странските инвеститори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e