Управниот суд на Република Македонија донесе Решение за времена мерка со која ѝ се забранува на Општина Карпош да презема какви било дејствија, сè до правосилно завршување на судската постапка за легализација на објектот гаража на семејството Петковски во Тафталиџе, пренесе СДК.
Семејството поднесе тужба во Управниот суд минатиот месец, откако по шест години одлучување Општина Карпош реши да им го одбие барањето за легализација на гаражата, а истиот ден поведе постапка за експропријација на имотот за да го прошири пристапниот пат до парцела каде како еден од сопствениците се појавува и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски.
Постапката за експропријација е сопрена откако семејството објаснило дека имаат барање за легализација на гаражата. За одбиената легализација се пожалиле и во Министерството за транспорт и врски, но и од таму им го одбиле барањето, па останало само да поведат постапка пред Управниот суд. И покрај тоа што ја известиле Општината за постапката, од таму добиле решение за уривање на гаражата.
И Народниот правобранител отвори случај за уривањето на гаражана на семејството Петковски.
Оваа недела, семејството Петковски поднесе кривична пријава против градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и против уште петмина вработени во Општината, Томе Ѓурчилов, Благица Блажевска, Олга Цубалеска Јаневска, Ристо Здравев и Данче Поповска, за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување службена исправа.
Во вторникот, 18 јули, соседите и многумина истомисленици од други страни на градот со оставање отпечатоци од дланките симболично ја гушнаа гаражата во знак на поддршка за борбата со институциите на семејството Петковски.