ТВ 24: Диме Спасов трошел државни пари по елитни ресторани низ светот

Најмладиот министер во претходната влада, Диме Спасов, чија кариера заврши со филмска бркотница низ скопските улици – службената картичка ја користел за да плаќа од ќебачилници низ земјава па се до елитни ресторани низ светот, објави ТВ 24.

Во март 2015 година, Спасов бил во ресторанот на Џејми Оливер во Лондон. За да ги вкуси специјалитетите на светски познатиот готвач потрошил двесте евра. Министерот сакал и журки. Со народни пари си платил забава од двесте четириесет долари во познатиот клуб Паблик Хаус во Чикаго. А потоа, ноќта ја поминал во хотел Хард Рок во истиот град за што платил уште 440 долари.

Се забавувал и во Женева, Прага, Виена, Торино, Будимпешта, Загреб, Љубљана и секаде ја користел службената картичка. За ручек во Будимпешта во ресторанот Ла пампа, платил 300 евра. Во хотелот Шеретон во Софија напрвил сметка од 2.000 денари. Бил во белградскиот ресторан Три шешира, каде оставил речиси 5 илјади денари.

Службената картичка е користена и во очи на Нова година. Па така, на 31 декември 2014 година, Спасов, во кафулето Риверсајд Санрајс во Скопје потрошил десет и пол илјади денари.

Со службената картичка тој нарачувал и пици. Често пати јадел во познатите кебапчилници низ Скопје, но не ги одминал ниту познатите Суши бар, Џино, Брик бар, Јавна соба, Меана Б. Најмногу државни пари потрошил во рибниот ресторан во Дебар маало, Фрути Ди Маре. Таму оставил околу 2 илјади евра, а често одел на риба во ресторанот Галија во струшкото село Калишта.

Со службената картичка плаќал и во Мек Доналдс во Женева, но и во пицерии и ресторани во Торино. Според извештаите за трошењето Диме Спасов последен пат ја користел службената картичка како министер за да плати сметка во скопскиот ресторан Јавна соба.

Спасов остана недостапен за коментар.

Во јавноста Диме Спасов ќе остане запаметен по сообраќајката што ја направи како дополнителен заменик министер. На крајот на октомври 2016 година, во доцните часови тој со службен џип утри во неколку паркирани возила во скопската населба Тафталиџе. По сударот Спасов избегал а на местото на несреќата ја оставил својата сопатничка, чиј идентитет се криеше од јавноста.

Кога ја напушти министерската канцеларија, неговата тогашна наследничка Ременски се пожали дека Спасов ги земал компјутерите, телефоните, принтерите, па дури и далечинското од клима уредот. Ременски, за првиот ден на работа си донела компјутер од дома

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e