Доктор Александар Трајановски е кандидат за градоначалник на најурбаната и најнаселената скопска општина – Аеродром, од редовите на Социјалдемократскиот Сојуз.
Трајановски е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Тој е активен и во политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ. Во минатото, бил носител на советничката листа на СДСМ во општина Аеродром, каде се залагал за поголема транспарентност и директен контакт со граѓаните. Тој исто така се залагал за пренос на седниците на Советот во живо, со цел граѓаните да имаат подобар увид во работата на локалната власт.
Приватно, е сопруг и татко на две деца.
Во интервју за нашиот портал Александар Трајановски ги потенцира приоритетите за Аеродром со оглед дека општина се соочува со низа проблеми!
Веќе сте на средби со сограѓаните во Аеродром. Каква е атмосферата од терен? Расположени ли се аеродромци да ги споделат своите идеи, предлози… На кои проблеми најмногу се жалат ?
На Аеродром му се потребни промени. Аеродром денес тоне во ѓубре, се гуши во чад, над 700 дечиња годишно остануваат незапишани во градинка заради недоволен простор, учениците учат во супстандардни услови, училиштата и општината тонат во долгови. Сообраќајниот хаос, недостигот на паркинг места, нерешените предмети за легализација и понатаму остануваат дел од целата оваа низа проблеми со кои секојдневно се соочуваат нашите сограѓани и ги споделуваат буквално на секоја средба.
Еден од најголемите проблеми е аерозагадувањето? Каков е вашиот план за решение на овој долгогодишен проблем за Аеродром и Лисиче?
Иако главните загадувачи на Аеродром се лоцирани надвор од територијата на општината, сепак преку интензивна соработка со Град Скопје пред се, но и со Владата, ќе создадеме услови Вардариште, Дрисла и дивите депонии да престанат да бидат мета на подметнати пожари. Следното е воведување на ефикасен систем за управување со отпадот. Секако субвенциите за енергетски ефикасни проекти за домаќинствата, за велосипеди и тротинети како незагадувачки превозни средства, засилени инспекциски контроли, кампањи за кревање на јавната свест и ред други активности се само дел од она што мора итно да се преземе за да се надмине овој реален проблем кој претставува сериозна закана по здравјето и животот на граѓаните.
Аеродром е најголема и најнаселена општина во Град Скопје. Имате ли решение за урбанистичкиот хаос? Како ќе се реши проблемот со паркинг местата?
Притисокот врз урбаното јадро на општината може да се намали исклучиво преку итен прекин на изградбата нови станбени згради во најгусто населените делови на Аеродром. Општината мора да се развива плански, постепено и во целосна согласност со основните принципи на хумано живеење. Во делот на паркирањето битно е да се нагласи дека покрај изградбата на нови паркиралишта онаму каде што е најнеопходно, мора да се работи и на функционален јавен превоз во Скопје, како и на развојот на мрежата на велосипедски патеки. На тој начин ќе се намали потребата семејствата да поседуваат по две или повеќе возила.
Зеленилото и хигиената во општината, според жителите, во изминатите години не се баш на завидно ниво, а одговорноста за проблемот се префрла меѓу општина Аеродром и Град Скопје. Според вас, како треба да се организира ова прашање, со оглед дека зеленило е неопходно во една ваква густо населена општина? Имаат ли и граѓаните удел во одржувањето на редот и хигиената?
Покрај зајакнувањето на човечките и техничките капацитети на јавните претпријатија и инспекциските служби во Општина Аеродром и Град Скопје кои несомнено ќе го подигнат нивото на хигиената, потребно е да се работи и на моќни кампањи за подигнување на јавната свест, како и на воведување на комунална полиција. За сето ова потребна е добра соработка меѓу општината, градот и Владата, а не префрлање на одговорноста кое во изминатите 4 години го достигна врвот.
Во однос на градинките, како ќе го решите недостатокот на места за упис на деца?
Најмалку 2 нови градинки му недостасуваат на Аеродром. Во овој мандат мора да се изградат целосно нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче, но и да се довршат планираните проширувања на постоечките градинки.
Кој е Александар приватно? Како го поминувате слободното време? Ќе ви недостига ли „белиот мантил“ додека ја извршувате градоначалничката функција, доколку бидете избран од граѓаните?
Сопруг и татко на две ќерки, поддржувач на МЗТ, љубител на спортот и добрата музика. Слободното време кое сѐ помалку го имам се трудам да го поминувам со семејството и со најблиските пријатели. Белиот мантил по изборите сигурно ќе ми недостасува, но градоначалничката позиција овозможува да помогнам на уште поголем број на луѓе, што од друга страна повторно ме прави исполнет и среќен.