Со потресни сведоштва на преживеаните денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Сведоците пред судот опишаа хаос, паника и стампедо, нагласувајќи дека огнот се раширил со неверојатна брзина – за само 30 секунди.
Еден од сведоците, Мартин Димитров, детално ја опиша драмата низ која поминал.
„Околу 2:30 почна да гори. Им реков на другарите да излезат, но тие не беа свесни. Ја фатив девојка ми и почнавме да се пробиваме. Се заглавивме на излезот – ако задоцневме 8 до 12 секунди, немаше да излеземе. Кога се свртев назад, сè беше темно, почнаа да пукаат светилките“, сведочеше Димитров.
Тој процени дека во моментот на пожарот во објектот имало меѓу 600 и 700 лица, додавајќи дека не забележал противпожарна опрема, ниту хидранти, освен означени стрелки за излез.
„Единствен што се обидуваше да гаси беше фотографот Александар Ѓорѓиев, кој фрлаше вода со чаша“, додаде тој.
Сведочеше и Анастасија Илиева, која потврди дека во дискотеката имало и малолетници, без контрола на влезот.
„Мислевме дека пожарот е мал и дека ќе се изгаси. Но настана стампедо. Јас изгубив свест од чадот и бев извлечена преку дупка во ѕидот“, рече Илиева.
Таа додаде дека на микрофон било соопштено дека има пожар, но присутните првично не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата.
Друг сведок посочи дека плафонот бил зафатен од пламен за само половина минута, што предизвикало паника и борба за спас.
Судењето се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители. Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Трагедијата во „Пулс“ повторно ги отвори прашањата за безбедносните стандарди, одговорноста и пропустите што доведоа до една од најголемите несреќи во поновата историја на земјата.
