Сведок: Скандал во обвинителството – Зврлевски ќе остави 40 стручни соработници на улица, без работа

Во Јавното обвинителство на Македонија, а посебно во скопското, владее паника откако сфатиле дека 40 стручни соработници, кои Марко Зврлевски 3 години ги влечел со договори за вработување на 6 месеци, од 1 јули остануваат на улица, без работа, а со тоа ќе се блокира и работата на обвинителствата, пишува порталот Сведок.

Најалармантна била ситуацијата во ОЈО Скопје, од каде што ќе заминат над 20 стручни соработници, или како што велат, обвинителството ќе остане без „работниците“.

Станува збор за релативно млади луѓе кои волонтирале низ обвинителствата, но кои не успеале да се вработат на распишаните огласи кои се пополнуваа со кадри преку Македонски шуми и со списоци директно правени во општинските комитети на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

За нив, подоцна било најдено „соломонско“ решение, да бидат вработени на одредено време, со согласност на Министерството за финансии и на тој начин, да има кој да ја работи обвинителската работа.

Овие стручни соработници, кои за 15-тина дена остануваат на улицa, во овој период ги работеле предметите, воделе истрага, сослушувале странки, или ја завршувале половина од работата на обвинителите, до фаза на обвинение.

По нивното привремено вработување, Јавното обвинителство било должно да подготви подзаконски акти (а формален потпишувач да биде Министерството за правда) со што ќе го дефинира нивниот статус како јавнообвинителски соработници, дефинирани во Законот за обвинителство.

Но, Марко Зврлевски во овие три години не направил ништо од тоа, туку напротив, со заобиколување на законската рамка, успевал против законски од Финансии да добие дозвола на 6 месеци за продолжување на нивниот ангажман.

Но, тоа продолжување не било законски и сега нема никаква можност повторно да се продолжи, па настанала паника кога сфатиле дека од 1 јули овие луѓе ќе останат на улица.

Најпогодено ќе биде ОЈО Скопје од кое треба да заминат над 20 кадри, уште неколку во Вишото или Републичко обвинителство и уште 15-тина соработници низ обвинителствата во Македонија.

Министерството за финансии кое нема законска можност да дозволи продолжување на вработувањата, треба да утврди и кој, спротивно на закон ја дозволувал незаконската постапка на Јавниот обвинител.

Ако се пресмета дека нето платата на стручен соработник е 24 илјади или бруто околу 36 илјади денари за еден вработен, се добива сума од околу 23.500 евра месечно или 282.000 евра потребни на годишно ниво за плата на овие соработници.

Кога сфатиле дека остануваат без работа, а нема изгледи дека може да се реши нивниот статус дел од нив побарале да го искористат годишниот одмор кој им следува според закон, за да можат да бараат и нова работа.

Излезе дека после Марко ќе има потоп во обвинителството, коментираат на шега стручните кои остануваат без работа, лути што некој си поиграл со нив, и што сега на работа ќе останат вработените преку Македонски шуми кои се шуткаат по ходници, а тие кои работеа мора да го напуштат обвинителството.

Дел од нив размислувале да поднесат кривични пријави против Марко Зврлевски и против секретарот на Јавното обвинителство кои ги довеле во заблуда и законски не го регулирале нивниот работен однос.

Посебна паника го фатила новиот „вд шеф“ на скопското обвинителство Јован Цветановски, кој покрај проблемот што останува без соработници, не можел да го реши и проблемот со неговата довчерашна шефица Гордана Гешкоска која се уште не излегува од канцеларијата во ОЈО Скопје, му се меша во работата иако нема статус на обвинител во ОЈО Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e