Јас сум еден од луѓето што секогаш сум го почитувал трудот и борбата за корка леб и свесен сум дека домашниот есап на пазар не излегува, истакна на Фејсбук министеррот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Затоа на транспортерите ќе се обратам како обичен човек а не како политичар.
Никој не е имун на оваа криза, сите губиме во оваа криза, но мора сите да дадеме учество во оваа криза.
Внесувањето на акцизата не е желба на никого, ниту надменост што сака Владата да ја покаже. Таа е неопходност.
Не се сеќавам цената на нафтата да била на пониско ниво. Ако не беше вирусов и ако оваа цена беше моментална цена, тврдам дека сите ќе славеа.
Ќе кажам неколку работи како аргументи за воведување на акцизата.
Прво, цената на нафтата е дваесетина денари помала од декември, јануари, фебруари и од почетокт на март, повторувам 20 денари. Така да апсолутно не може да стане збор за некаков голем потрес или зголемување. 20 денари е помала цената од овие месеци наназад. Ако била 63/64 денари сега е 45/46 денари, така да аргументите се апсолутно неоспорни.
Второ, тврдам дека цената на горивата во земјава е најниска споредбено со цените на горивата во соседството. А ако ја гледаме висината на акцизата, исто така нашата држава има најниска акциза.
Тоа што сакам да го објаснам на граѓаните е дека Уредбата за акцизата е донесена со механизам. И тука нема дилеми. Попластично да објаснам.
➡️Зголемувањето на акцизата за 3 денари, ќе важи како антикризна мерка доколку не се зголеми цената на нафтата, односно:
➡️Ако малопродажната цена се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за 1 денар.
➡️Ако малопродажната цена се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за 3 денари, или ќе се врати на цената која ја имаме во моментов пред воведување на оваа анти-кризна мерка.
И трето што е најважно, собраните средства од оваа акциза ќе се користат исклучиво за граѓаните, за здравствените работници, за МВР, за војниците и за сите кои даваат активно учество во борбата против корона вирусот.
Вирусот не познава ниту етникуми, ниту вери, ниту политички определби. Јас во изминативе повеќе од две и половина години откако сум министер, за сите закони што претходно се носеле во Собранието, сега Уредби со законска сила, каде што сме излегувале во пресрет на транспортерите, апсолутно се било во консултација со асоцијациите, со здруженијата се со цел да излеземе во пресрет на сите нивни барања. И уверувам дека за сите нивни барања сме излегле во пресрет.
Впрочем и заложбата на Владата и ресорно министерство за транспорт во оваа здравствена криза беше да се помага на транспортерите преку организација на конвоиите за враќање на сите заглавени транспортери од границите. И тоа на сите им е повеќе од јасно.
Не смееме да избегаме од тоа сите да бидеме активни чинители и да покажеме солидарност и затоа мислам дека човечноста мора да се покаже на дело.
Ова е анти – кризна мерка, ова е анти-ковид мерка, не е мерка за да направиме терет врз граѓаните, ова е мерка да им се помогне на граѓаните и апелирам и транспортрите тоа да го разберат“, посочи Сугарески.