Судскиот совет на Република Македонија најмалку една година го штител охридскиот судија Ристо Силјаноски, осуден за примање мито и одбил да го разреши, иако тоа го побарал Советот за утврдување на факти, пренесува порталот Сведок.
Скандалот со охридскиот судија Сведок го откри на почетокот на ноември оваа година, објавувајќи ја пресудата за судијата, со која е осуден правосилно во март оваа година за примање мито, но тој и натаму беше оставен да дели правда.
Претседателот на Советот за утврдување на факти Сашо Поцевски, не само што ја потврди приказната на Сведок и тврдењето дека Судски совет „спие“ за овој случај, туку обзнани дека тие против судијата поднеле барање за разрешување пред повеќе од една година, но Советот одбил да го разреши и му дозволил да дели правда, иако е осуден за примање поткуп токму за носење на пресуда во корист на одредена странка.
-Отако добивме известување дека против судијата е поднесена кривична пријава за примање поткуп, ние поведовме постапка и го повикавме судијата. Тој, пред советот призна дека зел мито и за него побаравме од Судскиот совет да го разреши. Но, судскиот совет го одби нашето барање за разрешување и му дозволи да суди, не преземајќи никакви мерки, вклучувајќи и суспензија – вели Поцевски.
Во март 2017 година, кога била донесена правосилна пресуда од Апелациониот суд во Битола со која се осудува охридскиот судија на една година затвор, Советот за факти поднел нова иницијатива за разрешување на судијата, но до ноември, речиси 8 месеци членовите на Судскиот совет предметот го држеле во фиока.
Отакко Сведок го обелодени скандалот со охридскиот судија, Судски совет, 10 дена подоцна закажал нејавна седница на која го суспендирал судијата, а на 12 декември била одржана и расправа на која биле повикани и членови на Советот за факти, но и нив не им е позната конечната одлука.
-По нашата иницијатива за разрешување на судијата, од март оваа година, штом беше донесена правосилна пресуда, немаше никава реакција од Судскиот совет се до 23 ноември кога тој е суспендиран, а на 12.12.2017 беше одржана и расправа на која бевме повикани, но немаме информација каква одлука ќе биде донесена – открива Сашо Поцевски.
Според информации на Сведок од Судскиот совет, можно е во среда, на 16 декември, на затворена седница членовите да донесат одлука за разрешување на охридскиот судија Ристо Силјаноски, бидејќи сфатиле дека може да одговараат и кривично за неговото неразрешување, со што му овозможиле и понатаму да работи како што работел, но и врз нив да се фрли сомневање дека имаат „заеднички интерес“ штом дозволуваат судија осуден за корупција да продолжи да ја врши судиската функција.
Во Охридскиот суд, покрај суспендирањето на Ристо Силјаноски, Судскиот совет го суспендирал и судијата Трајче Скрчески, поранешен извршен, сега граѓански судија. И против Скрчески во изминатиот период имало иницијативи за разрешување и претставки, но се спасувал најмалку во два наврати, но сега е суспендиран по поведена постапка, но не се открива за каков вид на прекршок станува збор.
Сведок на 13 ноември 2017 го објави скандалот со охридскиот судија, тврдејќи дека Судскиот совет на Република Македонија го покрива скандалот со охридскиот судија Ристо Силјаноски, кој е осуден на затворска казна во траење од една година за примање поткуп од странки, а ниту го суспендира, ниту го разрешува.
суспензијата, за која пишуваме на почетокот на текстот се случила 10 дена по објавувањето на информацијата, откако членовите на Советот сфатиле дека не можат да го кријат барањето за разрешување во фикока и натаму.
Еве накратко, за што станува збор, што утврдил судот во случајот со примање мито за донесување на пресуда:
Судијата, според пресудата на Основниот суд во Струга, потврдена со пресуда на Апелациониот суд во Битола, е осуден на една година затвор, за која нема да заврши зад решетки доколку во наредните две години не направи ново кривично дело.
Н но главното прашање е дали овој судија има морален лик и натаму да суди во охридскиот суд и да дели „правда“ доколу правосилно е потврдено со судска одлука дека за да пресуди во корист на одредена странка, буквално се пазарел со странките за колку пари да пресуди во нивна корист.
Советот за утврдување на факти, според информациите на СВЕДОК, поднел предлог до Судскиот совет на чие чело е Зоран Караџоски, но под чудни околности тој не бил земен во разгледување и судијата не бил суспендиран додека траела целата постапка, повикувајќи се на презумпцијата на невиност, што не било случај кога имало други постапки против судии.
Пресудата на Основниот суд Струга за судијата Силјаноски е донесена на 11.11.2016 година
Но, откако пресудата станала правосилна во март оваа година, Советот за утврдување на факти поднел предлог за разрешување на охридскиот судија, но до денеска тој предлог стои во нечија фиока на Судскиот совет.
Владата, на предлог на „експертите“ од групата формирана под капата на Министерството за правда во овој момент предлгаат укинување на Советот на факти и постапките за разрешување да ги води Судскиот совет, кој, во овој случај, како и во 10 други не постапува цела година, што е спротивно на Судскиот деловник, законот за судови, и за Судски совет.
Имено, по пријава на полиција за примање мито, Основното обвинителство од Охрид покренало постапка против судијата Ристо Силјаноски, судија на Основниот суд во Охрид, а за судење бил определен судот во Струга, како непристрасен.
На 11.11.2016 Основниот суд во Струга го прогласил за виновен охридскиот судија и го осудил на една година затвор за примање поткуп, но истата ја условил, дека нема да се изврши, ако во наредните две години судијата не стори ново кривично дело.
На ваквата пресуда, жалби поднеле и адвокатот на охридскиот судија, Димитрија Цобоски, исто така поранешен разрешен судија на Основниот суд во Охрид и јавниот обвинител.
Битолскиот апелационен суд, со пресуда од 28.03.2017 година ги одбил жалбите и на судијата и на на обвинителството и ја потврдил струшката пресуда за една година затвор. Оваа пресуда ја донеле судијките Љиљана Чочковска, Ружица Иваноска и Анита Милошевска.
Вишиот јавен обвинител од Битола Зора Сотирова побарала пресудата да се преиначи и да биде само ефективен затвор, а не и услов, но судот го одбил овој предлог.
Битолските судии прифатиле се што констатирал струшкиот суд, а еве делови од пресудата каде што е утврдено како барал мито судијата Силјаноски од странкате за да донесе пресуда во нивна корист.
Апелација Битола пресудата ја потврдила на 28.03.2017 година
-Првостепениот суд од изведените докази во текот на главната расправа, неспорно утврдил дека обвинетиот во временскиот период од средината на месец декември 2015, па заклучно со 25.01.2016г. во 12,30ч. во повеќе наврати дирекно побарал подарок за себе од лицето Трајанчо Митревски и тоа најпрво побарал подарок од 10.000,00ден. и крајно побарал подарок од 5.000,00ден. за да изврши службено дејствие во рамките на своето службено овластување кое што морал да го изврши и да го реши предметот МАЛВП.90/14 кој му бил доделен во работа при што на ден 25.01.2016г. сведокот Трајанчо Митрески во неговата канцеларија на дирекно барање од обвинетиот му дал подарок од 5.000,00 ден. во апоени од по 1.000,00ден. за обвинетиот во рамките на своето службено овластување да изврши службено дејствие што би морал да го изврши да донесе одлука по предметот МАЛВП.90/14 кој што бил завршен на 3.11.2015г., а не била изготвена писмена одлука во предметот- пишува во пресудата.
Неосновано се наведува во изјавената жалба, дека првостепениот суд погрешно ја утврдил
фактичката состојба кога не го прифатил предлогот на одбраната за изведување на докази предложени од страна на одбраната, бидејќи доколу ги прифател наведените докази ќе се потврдела одбраната на обвинетиот дека парите ги побарал од сведокот Трајанчо Митревски и ги зел на име заем бидејќи во тој временски период имал финансиски проблеми и истите му биле потребни за да плати за упис на семестар на неговата ќерка на факултет, констатира жалбениот суд.
изведените докази, првостепениот суд утврди дека од страна на лицето Љупчо Наумоски против ова правно лице била поднесена тужба пред Основниот суд во Охрид. за што бил оформен предмет МАЛВП.бр.5/13 кој по распоредот за работа бил доделен кај судијата Ристо Силјаноски односно обвинетиот, и била донесена пресуда која по жалба на странките од страна на Апелациониот суд Битола во дел била потврдена, а во дел првостепената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување сега заведен под нов број МАЛВП.бр.90/14 во кој повторно постапувал сега обвинетиот како судија и кој по завршувањето на главната расправа на ден 3.11.2015 година требало да се донесе одлука.
Од исказот на сведокот Трајанчо Митревски првостепениот суд утврдувил дека тој се познавал од претходно со обвинетиот, дека во месец декември 2015година со обвинетиот случајно се сретнале на кејот во Охрид, се поздравиле, а обвинетиот му се обратил со зборовите „што правиме“ кои се однесувале на предметот, а потоа му предложил на сведокот да се видат и да разговараат, па после неколку дена се сретнале во кафе барот „Бизнис кафе“ во Охрид, седнале во соседната пицерија и обвинетиот најпрво почнал да зборува за предметот велејќи дека може да
пресуди во корист на било која од странките при што на сведокот му побарал износ од 10.000,00ден. да го одбие тужбеното барање на тужителот, но сведокот Трајанчо не ја прифатил таа понуда, а после неколку денови обвинетиот повторно го побарал на телефон, се сретнале во Хотелот „Сити Палас“ во Охрид каде што обвинетиот повторно му ја побарал сумата од 10.000,00 денари и кога сведокот не се согласил обвинетиот му рекол дека може да му даде и 5.000,00ден. на што сведокот Трајанчо се согласил и му рекол дека парите ќе му ги даде во петок или понеделник, а кога во петокот обвинетиот го побарал на телефон сведокот му рекол дека ќе му ги даде во понеделник – се наведува во пресудата на Апелациониот суд во Битола.
Од изведените докази, од исказот на сведокот Трајанчо како и од писмените докази, од потврдите на СВР Охрид, првостепениот суд утврдил дека сведокот за настанот пријавил во полиција ,при што во понеделникот на 25.01.2016г. пред договорената средба со обвинетиот однесол во СВР Охрид 5.000,00ден. во банкноти од по 1.000,00ден. со сериски броеви, кои со потврда биле одземени од сведокот и откако биле криминалистички обработени му биле вратени повторно со потврда, а потоа сведокот отишол во својата канцеларија каде што се сретнале со обвинетиот и каде што сведокот му ги дал на обвинетиот паричните средства во износ од 5.000,00 денари во 5 банкноти во апоени од по 1.000,00ден. со истите сериски броеви кои што биле обработени во
СВР Охрид, по што обвинентиот заминал од деловниот простор но во кругот на Трговскиот центар бил затекнат од страна на овластени службени лица на СВР Охрид и повторно бил вратен во канцеларијата на оштетениот, бил извршен преглед на обвинетиот и претрес и во левиот преден џеб од пантолоните биле пронајдени паричните средства, било извршено фотографирање, бил составен записник, а од обвинетиот биле одземени петте банкноти и еден мобилен телефон марка „Самсунг“.
При утврдувањето на фактичката положба, првостепениот суд ја ценел одбраната на обвинетиот кој наведува дека од сведокот не побара пари за подарок во врска со предметот иако тоа му било понудено од страна на сведокот, туку побарал пари на заем кои што пари му биле потребни бидејќи имал финансиски потешкотии, а заради запишување на неговата ќерка на факултет и дека целиот настан во врска со овие обработени банкноти биле конструкција од страна на сведокот кој имал психички проблеми, бил проблематична личност и познат на судот поради неговата агресија и поради тредмети каде бил сторител на семејно насилство.Правилно судот не ја прифати ваквата одбрана на обвинетиот па во таа смисла правилен е заклучокот на првостепениот суд да доколку на обвинетиот му била позната личноста на сведокот тогаш истиот и како судија во суд требало да внимава со какви лица склучува договори и зошто од таква личност би побарал пари на заем, а уште повеќе што му било познато дека истиот има предмет кој го решава и дека во истиот предмет има интереси сведокот Трајанчо за кои што како наведува обвинетиот знаел за каква личност се работи.
Правилно судот не ја прифати одбраната на обвинетиот која се однесува на тоа да сите превземени дејствија во истрагата биле незаконити, бидејќи истите требало да бидат изведени врз основа на посебни истражни мерки, а не со наредба за претрес од судија на претходна постапка во таа насока правилен е заклучокот на првостепениот суд дека за кривичното дело за кое обвинетиот се обвинува „Примање поткуп“ од чл.357 ст.2 од Кривичниот законик, согласно Законот за кривичната постапка, не се предвидени посебни истражни мерки.
Од изнесеното, се утврдува дека фактичката состојба е правилно утврдена и на истата првостепениот суд правилно го применил Кривичниот законик кога обвинетиот го огласил за виновен за продолжено кривично дело „Примање поткуп“ од чл.357 ст.2 в.в. со чл.45 ст.1 од Кривичниот законик. Правилно утврдил првостепениот суд дека обвинетиот со превземените дејствија во целост ги остварил обележјата на кривичното дело за кое е огласен за виновен.
Неосновано се побива првостепената пресуда со изјавената жалба на Основниот јавен обвинител во делот на одлуката за кривичната санкција. Неосновано се наведува во изјавената жалба да првостепениот суд недоволно ги ценел отежнувачките околности и погрешно ја одмерил казната согласно Законот за определување на видот и висината на казната и доколку правилно ги ценел отежнувачките и олеснувачките околности обвинетиот ќе го осудел на ефективна казна затвор.
Првостепениот суд, при определувањето на видот и одмерувањето на висината на казната ги ценел сите олеснувачки и отежнувачки околности и истите ги одмерил согласно посебниот Закон што е видно од работните листови „А“ и „Б“ приложени кон списите во предметот. Во таа смисла, првостепениот суд утврдил дека кај обвинетиот преовладуваат олеснувачките околности и тоа за
разлика од 8 поени каде што постојат услови за изрекување на „условна осуда“.
Оценка е на овој суд дека со вака изречената „условна осуда“ ќе бидат постигнати целите на казнувањето и истата воспитно ќе делува врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и други кривични дела заклучуваат судиите на битолска апелација во пресудата за охридскиот судија Ристо Силјаноски.
Ова не била единствена пријава против охридскиот судија кој и натаму суди на граѓанскиот оддел, а информациите дека е западнат во „финансиски долгови“ може да се слушне во Охрид од сите кои имаат било каков контакт со судот. Многумина тоа го поврзуваат со страста за игри на среќа, но фактот дека судијата се пазарел за колку пари треба да донесе пресуда, што е потврдено во овој случај, сериозно ја става под лупа работата на Судскиот совет и го отвора прашањето, зошто Советот штити вакви кадри? Ристо Силјаноски, според веб страницата на ОС Охрид за судија бил избран во јануари 1987 година.