За настаните во „Дива Населба“ од 38 обвинети лица, четворица се ослободени, осум добија доживотни затворски казни додека другите беа казнети со вкупно 746 години затвор. Но, судскиот епилог за овој случај, според адвокатите, довел до кршење на законски прописи и на човековите слободи и права. Според нив, судот не прифатил ниту еден нивен доказ, па поради тоа не била потврдена фактичната ситуација.
„До прв степен помина со невидена неправда досега. Не се има случено досега да не се прифати ниту еден доказ на одбраната“, вели Насер Рауфи- адвокат.
„Сè уште не се расветлени клучните прашања за кумановските настани и се надевам дека фактичката состојба ќе се открие во целина“, изјави Артене Адеми- адвокат.
Моментално, постапката се наоѓа во фаза на преведување на одлуката. Судот го пролонгираше преводот бидејќи според нив, се работи за обемен превод, а од друга страна мал број преведувачи. Според одбраната, пролонгирањето на преведување на одлуката има друга позадина. Адвокатите се жалат и на здравствената состојба на притворените.
„Мислам дека тоа не е сериозна причина бидејќи знам оти таму има многу преведувачи. Сметам дека целта е да се одложат и рочиштата на Апелацискиот суд и обвинетите да останат во притвор. Целта е да доцни повторното враќање на предметот“, смета Рауфи.
„Обвинетите и понатаму се наоѓаат во притвор и во тешки услови веќе три години. Дел од нив се во ќелија, значи сами и во тешки услови каде нивната здравствена ситуација е тешка“, посочи Адеми.
Горенаведените дилеми, вклучувајќи и ги сомнежите на Косово за овој случај, доведоа до барање на одбраната и роднините да се отвори меѓународна истрага. Тоа го ветуваше и премиерот Заев.
Откако писмено ќе ја добие одлуката, одбраната ќе ја обжали во Апелација. Дали ќе се открие вистината за кумановските настани во домашните судови или преку меѓународна истрага, останува да се види.
Извор: Алсат