Заробени судови, затворска тортура, ендемска корупција. Ова е описот за Македонија, во последниот извештај за човековите права, направен од американскиот Стејт Департмент, за 2017-та година. Крвавиот упад во Собранието, случајот Монструм, кумановската престрелка во Диво Насеље. Низ призмата на овие случаи, извештајот ја критикува праксата на неказнивост во Македонија, но и „коруптивниот затворски систем.”
„Судството не покажа независност и непристрасност, а судиите се предмет на политичко влијание и корупција. Резултатите од многу судски постапки се појавија предодредено, особено во случаите кога обвинетите имале ставови или презеле дејства против владата“, пишува во извештајот.
Граѓани неосновано се држеле во притвор, а високи функционери добивале условни казни. Според извештајот, за некои осомничени од Специјалното јавно обвинителство, судот дури дозволил и бегство. Како пример се посочуваат бизнисменот Сеад Кочан, но и Никола Бошковски и Горан Грујевски, обвинети во случаите Таргет и Тврдина.
Во случаи кога им се суди на проминентни имиња, судот најчесто издава пресуди за условни казни, стравувајќи од тужби за неправен притвор, стои во анализата. А притворени пак, се затвораат со една цел – бизнис. Ендемската корупција е проширена во сите одделенија, од затвореници до раководители, пишува американскиот Стејт департмент.
„Во затворот Идризово, секој аспект на затворање е за продажба, од добивање место во пристојна ќелија, домашно отсуство, до лекови, до мобилни телефони и дрога”, се вели во извештајот.
За овие проблеми, многупати низ годините алармирал и народниот правобранител, но сепак, ретки се случаите кога неговите апели имале некаква разрешница. Системот ни е во ерозија, вели Иџет Мемети и повика на итни реформи.
„Тој извештај како да се повторува од година во година. Затворскиот систем, Психијатриските болници не функционираат. Тааквите системи се на работ на тоа што значи, може се пропаднати, вели Иџет Мемети.
Наместо да биде место за ресоцијализација, затворот во Македонија е пункт за регрутирање на криминалци. Мемети вели дека покрај судот, главна улога во ова има и јавното обвинителство, кое според него, досега не спровело ниту една ефикасна истрага против полициска бруталност.
Извор: 24ТВ