Стартува изградбата на првата логистичко-дистрибутивна платформа во земјава – Николовски го потпиша договорот

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска соопшти дека започнуваат со процесот за изградба на првата логистичко-дистрибутивна платформа во Република Северна Македонија.

-Денеска го потпишавме Договорот во износ од 774.768 евра, заедно со избраното консултантско партнерство, составено од ИРД Инженеринг, Италија како главен партнер, АД АГТ, Италија и АД Градежен Институт Македонија како партнери, соопшти Николовски.
Оваа платформа, како стратешка инвестиција, предвидено е да се простира на околу 30.000 метри квадратни и да процесира околу 46.000 тони овошје и зеленчук.
-Логистичко-дистрибутивната платформа ќе овозможи организирање и унапредување во снабдувањето со безбедни и свежи прехранбени производи, ќе овозможи поедноставен пристап до пазарот за локална свежа храна и ќе обезбеди логистички и други услуги за земјоделско-прехранбениот сектор, за домашниот и меѓународниот пазар, појасни министерот Николовски.

Средствата за изградбата на платформата се обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството, кој се финансира со поддршка од Светска Банка во износ од 46 милиони евра и 4 милиони евра грант од Европската Унија преку ИПА фондовите.
– Логистичко-дистрибутивна платформа не е само градежен проект, туку заедно со двата откупни центри во Струмица и Ресен, е симбол за посветла иднина во земјоделскиот сектор во земјата, порача Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e