Трошоците за живот во земјава бележат значителен раст во првите три месеци од 2026 година, додека зголемувањето на минималната плата не го следи истиот тренд, предупредуваат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според ССМ, во периодот јануари – март, животните трошоци се зголемиле за околу 2.500 денари, додека минималната плата е усогласена за 1.667 денари, што директно влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците.
Од синдикатот информираат дека вредноста на Синдикалната минимална кошница за март 2026 година достигнала 67.818 денари, што претставува зголемување од 436 денари во однос на февруари. Воедно, за тримесечниот период, вкупното зголемување изнесува 2.326 денари. Доколку се пресметаат трошоците за изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните средства за живот се искачуваат на 83.193 денари месечно.
Дополнителен притисок врз домашниот буџет создава и растот на цените на горивата. Цената на еуродизелот, како што наведуваат од ССМ, пораснала од 64,50 денари за литар на почетокот на јануари, на 92 денари за литар во средината на март, што претставува зголемување од 27,50 денари за литар.
Од ССМ прашуваат дали реалниот животен стандард на работниците ќе се подобри доколку престане пресметката на Синдикалната минимална кошница и дали во таков случај граѓаните би биле задоволни од висината на платите, како што, според нив, се обидуваат да ја прикажат владините претставници.
Овие податоци, според синдикатот, укажуваат на продлабочување на јазот меѓу платите и реалните трошоци за живот во државата.
