Денеска на маргините на Економскиот форум Делфи во Грција, министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со Габриел Ескобар, заменикот помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт Департмент. „Благодарни сме за континуираната и конзистентна американска поддршка за европските и евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Членството на Северна Македонија во НАТО се покажа дека е вистинска одлука во вистинско време – во денешните несигурни времиња тоа ја зацврсти регионалната стабилност и безбедност и ја намали можноста од прелевање на нестабилноста во Западниот Балкан”, рече министерката на средбата. Петровска уште еднаш силно ја осуди руската инвазија врз Украина и порача дека Северна Македонија активно е вклучена во зацврстувањето на колективната безбедност на сите земји – членки на Алијансата. Соговорниците констатираа дека Западниот Балкан не е зона на проблеми, туку зона на можности.
„Вложувањето во армиските капацитети е уште еден придонес кон посилна колективна одбрана. Армијата се модернизира со досега невидено темпо. Инвестирањето во одбраната кое има за цел да ја зголеми безбедноста во регионот и во евроатлантската област ќе продолжи и во иднина”, порача министерката Петровска.
Заменикот помошник државен секретар, Ескобар порача дека македонско – американското пријателство, партнерство и сојузништво е силно и дека односите помеѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат, зашто за тоа има волја и искрен интерес од двете земји.