Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Министерството одржа средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија Анке Холштајн.
Во фокусот на средбата, како што соопшти Министерството, беше поддршката на Сојузна Република Германија во рамки на реформските процеси во нашата земја, како и во делот на остварување на членството во НАТО и ЕУ, со што, како што додаваат, уште еднаш се потврдува фактот дека Сојузна Република Германија претставува клучен стратешки партнер на нашата земја.
Истовремено, на средбата било разговарано за цврстата определба за продолжување на веќе започнатите процеси во Министерството за внатрешни работи во насока на модернизација и стандардизација на вработените, зајакнување на капацитетите на полицијата и борбата против организираниот криминал и справувањето со илегалните текови на мигранти.