Македонија доби уште едно признание. Овојпат, тоа доаѓа од медиумите од нашето соседство, по објавите за катастрофалната состојба во болницата во Штип, за која Фокус со години наназад информираше. Шокирани од фотографиите од Штипската болница, спрските медиуми денес се преплавени со наслови дека ја имаме болницата од пеколот.
„И самиот министер останал во шок“, „Лекарите кажуваат дека ова е болницата од пеколот“… – се само дел натписите во познатите медиуми од соседството, кои информираат дека се работи за болница во која услуги добиваат илјадници граѓани, а која е буквално пред рушење.
Во познатиот медиум „Ало“ појаснуваат дека министерот за здравство во Македонија, Арбен Таравари, лично ги објави ужасните слики од болницата на својот Фејсбук профил, потсетувајќи што му остави ВМРО ДПМНЕ.
„Нема потреба од демант за секојдневните пресови на опозицијата. Оваа е дел од тоа што ми оставивте од вашите здравствени политики… Од мојата посета во Штипските болници… Една слика повеќе од 1000 зборови!“, напиша Таравари, како одговор на прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ преку кои опозициската партија го обвинува министерот за лошите состојби во здравството.
Во мај годинава, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, вети дека Штип ќе добие нова современа болница до крајот на 2018 година. Тој рече дека изградбата е започната и е во напредна фаза. Исто така, ексминистерот потенцираше дека инвестицијата за овој објект е 56 милиони евра, заедно со опремата што ќе се вградува внатре.
Тодоров уверуваше дека ќе направи оваа болница да стане една современа, модерна клиничка болница која ќе биде место каде ќе се лекуваат штипајни, но и жителите од поголем дел од овој регион. Дури, се пофали дека во изминатите четири – пет години се вработени 153 лица медицински кадар, а на специјализација или субспецијализација испратени биле пет доктори од различни области на специјализација како гинекологија, анестизиологија, кардиологија и друго.
Тогаш, револтираните граѓани прашуваа дали додека чекаат нова болница треба да молчат и да се молат да не фатат некоја бактерија во болницата што прилега на мачилиште од минатите векови, каква што болницата е денес денес.
Извор: Фокус