Доаѓа ли крајот на деценијата на статуоманија во Македонија? Нови споменици не се планираат, а за судбината на последните одлука треба да донесе Владата, откако ќе ги разгледа елаборатите што ги подготвува Работната група формирана кон крајот на летото од министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Таа има задача да ја анализира законитоста на постапките за градење на спомениците од проектот „Скопје 2014“ кои го узуприраа јавниот простор во центарот на градот, да ги процени штетите и да препорача мерки за справување со последиците, пишува Дојче веле.
„Досега се изработени два елаборати – за споменикот на Андон Јанев – Ќосето и за споменикот во градба на Мајка Тереза, и тие му се предадени на министерот да и ги предочи на Владата, која ќе одлучува за нивната понатамошна судбина“, вели професорот Мирослав Грчев, кој ја предводи Работната група.
Она што најмногу ја интригира јавноста е каква ќе биде судбината на споменикот „Воин на коњ“, проектното име под кое е подигнат споменикот на Александар Македонски. Според работната група, и тој, и сите други споменици се третираат од аспект на законитоста на постапките со кои се подигнати на јавни простори.
„Комплетиран е елаборатот и за споменикот на Александар Македонски и тој ќе му биде предаден на министерот. Сите три елаборати ја потврдија и ја документираа општопознатата вистина дека се работи за сериозни прекршувања на Уставот, законите и стандардите кои ја регулираат материјата за подигање на споменици и трошење на буџетските средства. Во сите изработени елаборати се укажува на бесправноста на спомениците и нивната неспоивост со владеењето на правото и се препорачува нивното отстранување и доведување на јавните простори во ‘првобитна состојба’“, вели Грчев.
Скап проект
Засега нема информација кога Владата ќе ги разгледува елаборатите и препораките на Работната група, и дали ќе ги прифати. Во неколку прилики од Владата стигнуваа изјави дека дислоцирањето на спомениците е скап проект, особено откако таа наследи празна буџетска каса и куп обврски чие доспевање секојдневно бележи вртоглави суми. По ваквите дилеми, Владата од една страна добиваше критики дека најскапо ќе чини ако преку недејствување се легализира криминилот „оспоменичен“ преку тој проект, а од друга – дека каква било дислокација ќе предизвика незадоволство кај дел од граѓаните кои ги доживуваат спомениците како врвни „сведоци“ за ред прашања со предзнакот „национално“. Но, ако засега не се знае дали Владата ќе реши да го испрати „Воинот на коњ“ од плоштадот „Македонија“, се поизвесно е дека името „Александар Велики“ ќе замине од скопскиот аеродром, како симболичен гест на добра волја во градењето добрососедски односи со Грција.
Поради ова, дел од јавноста смета дека и целите на кои е посветена Работната група се директно поврзани со олеснување на процесот за решавањето на спорот за името. Од работната група велат дека тоа е погрешно толкување: тие се занимаваат со (не)почитувањето на процедурите и законите, односно криминалот што стои зад спомениците, а според Грчев, „обемот и природата на тој криминал укажува дека се работи за злостор што трае“.
Бронзени скулптури – сопственост на Владата
Во меѓувреме, стопирана е изградбата на барокни фасади во центарот на главниот град. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, наредил да се запре со барконото фасадирање на 95 објекти, кои се реновираа по налог на неговиот претходник Коце Трајановски. За нив биле предвидени околу 90 милиони денари пари од граѓаните. И додека е полесно да се стопира нешто пред изградба, потешко е да се реши за завршен проект, особено по погрешните толкувања што се може да се третира како градежен шут.