Социјалдемократската унија донела одлука да излезе од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката била иницирана од општинските организации на партијата, а била потврдена од нејзиното претседателство.
„Сакаме да им се заблагодариме за соработката на сите политички партии кои беа дел од коалицијата „За подобра Македонија“. Социјалдемократската унија останува активна на македонската политичка сцена и во иднина ќе продолжи да се залага за конструктивен политички дијалог во општеството и за обновување на довербата на граѓаните, за спроведување реформи од кои ќе имаат корист сите граѓани и со кои ќе се унапредат евро-атлантските аспирации, за реформи кои ќе ја засилат демократијата, градењето здрави меѓуетнички односи, политички дијалог помеѓу политичките чинители, како и решавање на клучните прашања што ни го попречуваат патот кон зачленување во НАТО и добивање датум за почнување преговори за членство во Европската Унија“, стои во соопштението од оваа партија.
Партијата смета дека ова е многу значаен период за земјата и пресуден за подобрата заедничка идина на сите наши граѓани. „Убедени сме дека ќе придонесеме кон постигнување консензус и конструктивност на сите политички партии во Македонија“, порачуваат од партијата, па додаваат:
„Во претстојниот период очекуваме да се обединат сите политички партии кои ќе ги стават разликите настрана и со здружени сили ќе работат на заедничката реформска агенда. Вистинскиот пат по кој треба да се движиме и единствениот начин кој ни дава сила да продолжиме да градиме силни врски на заедништво и меѓусебно разбирање. Само така, обединети и сплотени, ќе можеме да создаваме вредности и дела за сите идни генерации кои ќе го продолжат патот до уште посилен развој и просперитет на нашата држава“.
Инаку, оваа партија што ја основа Лазар Еленовски, во моментот нема ниту еден пратеник во парламентот.
Извор: Макфакс