На 30 март е закажан почетокот на судењето за Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана Јовановска, која со својата ќерка падна од балкон во скопската населба Карпош.
Јовановски е обвинет за три кривични дела:
Телесна повреда (член 130 став 2 во врска со став 1 и член 45), односно телесни повреди сторени како продолжено семејно насилство;
Загрозување на сигурноста (член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1);
Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство (член 128 став 4).
Според обвинението, Јовановски подолг период постапувал сурово и нечовечки кон оштетената, која била во зависна и подредена положба. По стекнување на сопственост над станот каде живееле, започнал со психичко и физичко малтретирање, кое ескалирало во 2025 година.
Обвинението наведува дека тој често ја тепал и навредувал Ивана, и тоа дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето.
Според првичните информации, мајката и детето паднаа од балкон на зграда во Карпош. Случајот бил пријавен во полиција во 14:15 часот, а настанот се случил во зградите во близина на поранешна „Алумина“.
