Во Основното јавно обвинителство – Скопје е поднесена кривична пријава против градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, со која се товари за непостапување по службена должност и толерирање дивоградби во населбата Драчево, пишува „Слободен печат“.
Пријавата опфаќа два одделни случаи на незаконито градење.
Првиот се однесува на објект, изграден на државно земјиште предвидено како комуникациска улица, а вториот – на два објекта на „Скопски пазар“ во Драчево, подигнати надвор од дозволата за градба и важечкиот урбанистички план, на приватна парцела во рамки на новиот пазарен комплекс.
Според поднесената кривична пријава, Ѓорѓиевски се товари дека во периодот од февруари 2023 до мај 2025 година ги пречекорил службените овластувања и свесно толерирал бесправно градење на две локации во населбата Драчево.
Според пријавата, тој наводно иницирал промени на урбанистичкиот план со цел легализација на дивоградбите, со што, според пријавата, повторно постапил спротивно на закон и овозможил незаконито стекнување корист на приватен субјект.
Во првиот случај, според пријавата, Ѓорѓиевски му овозможил на Стојан Денковски да гради деловен објект од околу 150 метри квадратни на државно земјиште, наменето за улица и пешачка патека, без никакво одобрение за градба. Ѓорѓиевски, иако бил должен да го спречи бесправното градење, не презел мерки, со што, според пријавителот, му овозможил на инвеститорот да се стекне со значителна имотна корист, а притоа ги оштетил буџетите на општината и на државата.
Според решение издадено на 4 мај 2023 година од овластениот градежен инспектор во Општина Кисела Вода, Стојан Денковски бесправно градел деловен објект на две парцели во Драчево, кои според важечкиот ДУП се означени како јавна површина за улица и пешачка патека.
Инспекторот донел решение за уривање, но тоа не било извршено.
Во 2024 година, општината донела нов „налог за извршување“, но истиот подоцна бил поништен од второстепената комисија по жалба на инвеститорот.
Денковски во меѓувреме ја завршил градбата, поставил фасада, застаклување и објектот го ставил во функција.
Орце Ѓорѓиевски, за „Слободен печат“ вели дека таквите обвинувања се дел од нападите врз него една недела пред изборите.
Тој посочи дека објектот на Денковски е урнат пред три месеца, а притоа приложи видео од неговото уривање како доказ.
Вториот случај се однесува на два објекта (објект 5 и објект 6) кои се дел од новиот пазарен комплекс во Драчево. Според документацијата, тие се изградени на приватно земјиште што е во сопственост на „Скопски пазар“, но надвор од дозволата за градба и важечкиот ДУП.
Во првичниот проект, на тоа место била предвидена сервисна улица за дотур на стока и пристап на интервентни возила. Подоцна, проектот бил интерно изменет, а наместо улица – вцртани се објекти, и тоа без соодветна постапка.
И во овој случај, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам утврдил дека станува збор за градби надвор од ДУП-от, додава тој, но не е преземена никаква понатамошна акција.
Во исто време, Општина Кисела Вода отвора јавна анкета за измена на ДУП-от во Драчево, токму во зоната каде се наоѓаат спорните градби. Во дописот, што општината го испратила до државниот инспекторат во март 2025 година, се наведува дека „ќе се направи пренамена на парцелите и ќе се утврди фактичката состојба на терен“, што индиректно ја потврдува намерата со новиот урбанистички план да се вметнат постојните градби.
Ѓорѓиевски, за „Слободен печат“ тврди дека тој не дозволил да се прифати прелогот да се смени ДУП-от и дека бесправно изградените објекти биле урнати, при што приложи видео како доказ.
На фотографија направена од исечоци од видеото, се гледа момент од рушењето – машина што урива еден од бетонските столбови.
Сепак, фотографии сликани денеска покажуваат дека еден од спорните објекти, за кој Ѓорѓиевски посочи дека е урнат, е целосно функционален, со продавници кои работат и со гаража на првиот кат.