Катица Јанева бара лично да одлучува кој да добие статус на заштитен сведок. Пред да ја донесе одлуката специјалната обвинителка мора да побара и писмена согласност од лицето кое влегува во програмата на заштитени сведоци. Ова го предвидуваат првите два члена од вкупно шест за кои Јанева бара поддршка од пратениците. Еден од членовите предвидува можност лице да добие заштита и по завршувањето на мерките.
„Барање за вклучување во Програмата од ставот 2 на овој член може да поднесе и лице кое поради можната опасност да биде изложено на заплашување, закана со одмазда или опасност по животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имот од поголем обем, не се согласува во својство на сведок да даде исказ во кривичната постапка“, стои во предлогот на Катица Јанева.
Јанева вели дека бара да се донесат измените за што помалку луѓе да го знаат идентитетот на заштитениот сведок и да може да ги расветли случаите Монструм, Мартин Нешковски и Сопот. Прво на прес конференција, а потоа и од собраниската говорница ги испорача своите барања за народните избраници.
Од опозицијата доби поддршка дека ќе ги изгласаат измените пред распуштање на Собранието. Но, од власта и порачаа дека нема основа за такви измени и ја подучија како се предлага закон, по што таа лично го достави до пратеничката Јакимовска.
До сега заштитени сведоци стануваа оние на кои Советот ќе им одредеше таков статус. А во советот одлучуваат судија од Врховен суд, заменик јавен обвинител, директорот на Управата за извршување санкции, раководител на одделението за заштита на сведоци во МВР и уште еден негов колега.