Специјалното јавно обвинителство вчера го објави четвртиот шестмесечен извештај за својата работа во периодот од 15 март до 15 септември оваа година. Според извештајот, она што е карактеристично и што го разликува од претходните е што во овој период се поднесени обвиненија за повеќето истраги што ги отвори СЈО.
„Поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период, отворени се вкупно седум нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејства кон четири правни лица“, стои во извештајот.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во извештајот нагласува дека и покрај законската пречка, со која на 30 јуни оваа година заврши рокот од 18 месеци во кои СЈО може да поднесува обвиненија, ќе продолжи да води истраги.
„Во оваа насока морам да истакнам дека 1 јули не менува ништо во фактот што ова јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети“, стои во извештајот.