Штип, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Делчево се меѓу 21 општина со по двајца кандидати за градоначалник и најверојатно таму граѓаните прв човек на локалната самоуправа ќе добијат уште следната недела. Локалните избори за 80 општини и Градот Скопје се закажани за в недела на 19 октомври.
По двајца кандидати за градоначалници има во Богданци каде изборно соочување ќе имаат Блаже Шапов поддржан од коалицијата на СДСМ и Мајран Пеев ВМРО-ДПМНЕ, во Боговиње – Фети Анази од Влен и Бесник Емши од НАИ, во Босилово Мариче Кармазичева од СДСМ и Ристо Манчев од ВМРО -ДПМНЕ, Валандово – Перо Костадинов од СДСМ и Ѓоко Камчев ВМРО-ДПМНЕ, Василево Славе Андонов ВМРО-ДПМНЕ и Ванчо Новоселски од СДСМ, Врапчиште Мехмет Сефери од Вреди и Исен Шабани од ДУИ, Градско Киро Нацков од ВМРО ДПМНЕ и Драгослав Симоновиќ од СДСМ, Делчево Иван Гоцевски од ВМРО‑ДПМНЕ и Дејан Глинџарски поддржан и од СДСМ, Желино Бјлердим Сејдиу од Вреди и Емир Сулејмани НАИ, Зрновци Ванчо Митев од СДСМ и Борчо Коцев од ВМРО-ДПМНЕ, Карбинци Виктор Паунов од ВМРО-ДПМНЕ и Љубица Соколовска СДСМ, Кратово Влатко Спировски СДСМ и Тодорче Николовски ВМРО-ДПМНЕ, Крива Паланка Сашко Митовски СДСМ и Оливер Алексовски ВМРО-ДПМНЕ, Кривогаштани Игор Каравилоски СДСМ и Сашо Граороски ВМРО-ДПМНЕ, Липково Неџмедин Садики Вреди и Еркан Арифи НАИ, Маврово и Ростуше Анес Ахмети СДСМ и Онер Јакупоски ВМРО-ДПМНЕ, Ново Село Ѓорѓе Божинов ВМРО-ДПМНЕ, Петровец Борче Митовски ВМРО-ДПМНЕ и Елизабета Зелениковска од СДСМ, Пласница Елсан Нурчески Демократска партија на Турците и Алија Јаоски НАИ, Теарце Назим Таипи од НАИ и Даут Мемиши од Вреди и во Штип се Иван Јорданов од ВМРО‑ДПМНЕ и Павел Иванов од СДСМ.
Повикувајќи се на изборни анкети и математики, некои експерти и медуими сметаат дека и во други општини би можело изборите да завршат уште во првиот круг односно да биде избран градоначалник. Советници се бираат во првиот круг освен онаму каде што ќе има повторување на гласовите.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула. Според формулата, вкупниот број гласови добиен за предложените кандидатски листи се дели со низот на делители 1,2,3… сè до бројот на членовите на советот кои се избираат во конкретната општина. Вака добиените количници се редат по големина, при што се земаат предвид оние најголеми количници колку што се избираат членови во советот. Една листа на кандидати добива онолку членови во советот колку што има најголеми количници од оние кои се земени предвид.
Кампањата за вториот круг од изборите започнува веднаш во понедленик на 20 октомври и завршува на 30 октомври на полноќ, а вториот круг на изборите е на 2 ноември.
Избор: 24