Градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје истакна дека оваа година е воведен систем на бесплатно собирање отпад од стрништа и се собрани 700 кубни метри биолошки отпад кој по правило претходно се палел.
– Битката со аерозагадувањето ќе ја добиете со намалување на бројот на загадени денови во текот на годината. Во последните две години имаме намалување на тие денови. На мерната станица Гази Баба број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во 2015 година бил 56 дена, во 2016 година – 62, во 2017 година – 49, а во 2019 – 27. На мерната станица Ректорат број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во 2015 година бил 47, во 2016 година – 69, во 2017 година – 66, во 2018 година – 76, а во 2019 година – 46. Број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност на мерна станица во Центар во 2015 година – 64, во 2016 година – 63, во 2017 година – 44, во 2018 година – 54, а во 2019 година – 31. Број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во Карпош во 2015 година – 55, во 2016 година – 64, во 2017 година – 54, во 2018 година – 60, а во 2019 година – 24, истакна Шилегов.
Градоначалникот посочи дека е свесен оти темата со загадувањето е на високо ниво на интерес, но и на загриженост кај секој од нас.
– Свесен сум и дека за дневно политички потреби некој свесно стимулира и лажно прикажува ситуации кои ги нема во реалноста. Кога размислуваме за Скопје размислуваме за Скопје како што го познаваме во нашите административни граници. Но, тие граници не се аквариум. Затоа, апелирам до градоначалниците од опозицијата, особено во Илинден, Петровец и во Сопиште да преземат активни мерки против загадувањето. Ние како град сериозно се бориме против овој проблем и затоа треба да дејствуваме во скопската котлина зашто воздухот нема граници и сите општини во скопската котлина треба паралелно да влезат во оваа битка. Не мислам дека од оваа тема треба евтино политички да профитираме. Гарантирам дека оваа битка на среден рок ќе ја добиеме, овој град ќе има активна политика и нема да бега од проблемите, нагласи Шилегов.
Во однос на борбата против загадувањето на воздухот многу е важно што на трите главни фронта – индустриската прашина, сообраќајот и затоплувањето на домовите, Градот Скопје веќе почна со имплементација на своите главни стратегии.
Тој наласи дека во однос на јавниот превоз, веќе е почната постапка во Миистерството за финансии.
– Успеавме како град да се избориме за финансиска поддршка со кредитно задолжување на државата и постапката веќе е во тек. Вчера имав и работен состанок со претставници на една од развојните банки која е подготвена да го поддржи овој проект со цел да влеземе во негова имплементација. Моите очекувања се дека тоа ќе биде видливо некаде кон крајот на идната година. Станува збор за стратешко решавање на проблемот со јавниот транспорт во нашиот град, имајќи предвид дека претходно системот за јавен транспорт бил фокусиран на релацијата исток – запад, односно Ново Лисиче – Ѓорче Петров. Тука имаме релативно квалитетна документација којашто сега може да послужи како основа за побрза имплементација. Она што паралелно го работиме ние како град и што на крајот на денот ќе го понудиме како целосен систем е решавање на релацијата север – југ, односно од Бутел до Кисела Вода. Линиите ќе се вкрстуваат некаде кај Црвен крст, објасни Шилегов.