Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“, што е поставена во Музејот на современа уметност. Изложбата ќе трае до 3 ноември 2019 година.
– Сакам да упатам благодарност до сите учесници во овој конкурс, без оглед на тоа кој како бил оценет од стручната комисија. Ме радува фактот што на овој конкурс имаше толку голем интерес – добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Ви благодарам што размислувавте како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу, многу поатрактивен – рече Шилегов.
Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале, што траеше од 5 април до 15 мај 2019 година е втората фаза од реализацијата на овој проект, во кој се вклучени и финансиски го поддржуваат Градот Скопје, како дел од ROCK проектот финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.