Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје од ноември 2017 година, е оптимист дека сите капитални проекти што ги најави во предизборната кампања ќе ги реализира и ќе успее да ги реши или барем во добар дел да ги отстрани најголемите проблеми на градот. Станува збор за инвестиции од најмалку 300-350 милиони евра до кои може да се дојде преку поентите во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy).
Интервјуто го водеше Теофил Блажевски
За време на кампањата и во вашата предизборна програма најавивте многу крупни и големи проекти за Скопје. Не интересира дали оптимизмот е сè уште ист, откако ја видовте состојбата и реалните пари со кои и може да смета Град Скопје во идните години?
Оптимизмот не е спласнат, напротив, лошата финансиска состојба што ја затекнав, состојбите со градот генерално, долговите што се наследени…сето тоа ако сакате да барате изговор можат да ви бидат изговори, но за мене се предизвик повеќе. Немам намера да отстапам од тоа што го зборував пред граѓаните во предизборната кампања и веќе гледате дека за некои од работите за кои зборувавме, влегуваме и во реализација. Можно ќе беше и побрзо да влеземе, но за жал состојбата во градот, во смисла на изработка на квалитетни документи кои што можат да бидат добра основа за да влезете во набавка или реализација на определни добра е таква, што нема ништо што е готово.
Веројатно ако ги следите јавните набавки, се забележува дека во добар дел градот има објавено јавни набавки кои што се однесуваат на проектирање токму на сериозната инфраструктура за која што зборував во кампањата. Како што полека зреат работите, така полека ги најавуваме проектите. Веќе најавивме дека очекуваме во септември да започне изработката на мост преку Вардар со кој ќе направиме спојување на општините Аеродром и Гази Баба, што е прв мост после 15 или 16 години од такво значење. Тој ќе биде во пределот на Кермадници и ќе се излегува кај Скопски Саем.
Ве прашав од аспект на парите. Секогаш се планирани над 120 милиони евра, а реално се собираат и трошат по 80-тина во градската каса?
Се зависи од тоа каков однос имате кон парите. Ние успеавме, имајќи предвид дека наследивме град со 2 милијарди 850 милиони денари обврски (над 46,3 милиони евра – н.з.) – склучени договори кои што не можете да ги избегнете или намалите – успеавме да го намалиме буџетот за околу 10 проценти. Нашата крајна цел е Скопје да добие некаков вид на реално планирање на парите, реален буџет.
Очекувам дека со ребалансот што ќе треба да се случи во јуни да напавиме некаква нормална рамка, бидејќи ги имаме влезните и излезните парамтри, меѓутоа, очекувам и можно зголемување на приходната страна, бидејќи онака како што јас ја третирам инфраструктурата во Скопје, се креира потенцијал кој што ќе доведе до посериозен влез на средства. Еве пример – субстандардниот дел на Керамидница, кога таму ќе го пробиеме булеварот и тунелот и кога ќе го споиме со општина Аеродром, ќе стане атрактивно место и за градба и за живеење. Градбата носи еднократен „инкам“ во смисла на комунална такса за уредување на земјиштетот, меѓутоа изградените објекти потоа стануваат перманентен извор на средства, бидејќи секој имот потоа се оданочува. Така што, ако може преку овој пример да се разбере, таа е филозофијата што ја имаме.
Вториот мост на Вардар за кој што очекувам проектирањето да започне сега во мај, тоа е мостот во Карпош 3 и Карпош 4, кај Сити мол и со него ќе го премостиме Вардар во правец на Злокуќани и Волково. И со вој мост во иднина на тој простор ќе созададе поатрактивно земјиште и потенцијал за развој на градот. И двете инвестиции се на град Скопје.
Ако сите досегашни сериозни студии (три ги има со се онаа на БЕГ), покажуваат дека греењето односно употребата на цврсто гориво – дрва, е основната и најголема причина за загадувањето на воздухот во Скопје, дали преземањето на услугата за испорака на топлинска енергија од страна на град Скопје е правец во насока на решавање на проблемот? Според таа студија на БЕГ, градот треба да потроши околу 240 – 280 милиони евра за речиси целосно покривање на мрежата на топлинска енергија. Според студијата на UNDP, цената е исто така над 200 милиони, при што се наведуваат околу 50-тина неопходни за зголемување на енергетската ефикасност на објектите… Станува збоор за сериозни пари. Како мислите да ги обезбедите, а особено во тој контекст зошто најавивте дека ќе ги преземете услугите за испорака на топлинска енергија што сега го прави БЕГ?
– Некогаш имам чувство дека кон Скопје сите до сега се однесувале како кон несакано дете. Зборувам за период од триесетина години. Ова го зборувам затоа што е дојдено до целосна дисторизија на капацитетите кои што ги имал градот. Тука ја вклучувам и топловодната мрежа. Јас ќе го побарам она што по закон му припаѓа на град Скопје – топловодната мрежа. Во моментот кога градот ќе стане сопственик на топловодната мрежа, ќе треба да основа свое претпријатие за да менаџира со истата, да побара лиценца од РКЕ, но така го правите градот чинител во стратегијата на затоплување на домовите. Скопје досега беше пасивен посматрач. Околу нас се случуваа работи, но ние ниту како град сме влијале, ниту пак сме виделе некоја посебна желба некој нешто да смени, да партиципира, односно да креира енергетска политика. Суштината на преземањето е токму тоа – градот да се јави како активен чинител во енергетската политика на Скопје. Нема пологично нешто.
Од друга страна, има еден сериозен проект на гасификација на Градот со кој што ќе започнеме на есен годинава. Тоа е прокет кој што јас го имав ветено во кампањата и им го зборував на скопјани. Тоа значи дека истата таа фирма која што ќе преземе и дел од вработените во БЕГ – тоа се искусни луѓе кои што ја познаваат мрежата и можат да одговорат на предизвиците на нејзиниот развој –значи таа нова компанија ќе биде носител и на гасификацијата на градот. На тој начин ќе станеме активен чинител. Ќе можеме да ја развиваме мрежата, ќе можеме да решаваме кои делови од градот ќе бидат насочени кон топловодната мрежа, а кои делови ќе бидат покриени со процесот на гасификација.
Самата гасификација потоа нуди можност да понудите, условно речено маалски концесии, концесии за управување со услугите на ниво на области од градот. Тоа значи да дадете под концесија област од 10-тина илјади домови, некој таму да напарави мини-топлана и да ги приклучи тие граѓани на гас. И тоа би бил ефтин начин за граѓаните, зашто ќе ги поштедите од средства за лична инвестиција за апаратите кои што работата на гас. …
Тоа можеби било така зашто станува збор за исклучително големи инвестии…?
Па тоа е многу релативно. Дали инвестиција од над 700 милиони евра потрошени за глупости на простор од еден квадратен километар (Скопје 2014-н.з.). не е скапа инвестиција?
Ако целокупната инвестиција за решавање на проблемот со загадувањето на Скопје и ефикасна енергетска политика може да се заокружи со 250 милиони евра, а тоа го покажуваат студиите, тоа не е скапа инвестиција, особено ако имате предвид дека инвестирате во нешто што има економска логика според кост-бенефит анализата. Значи средствата на овој или оној начин на крајот ќе се вратата. Конечно, нека остане како глобално задолжување 100 милиони евра. Меѓутоа сме решиле еден многу горлив проблем…
Значи градот е подготвен да влезе во….
Апсолутно! Апсолутно! Скопје нема друга алтернатива. Варијантата Б, би била прашањето колку чини еден човечки живот што го губиме како последица на загадувањето?