Шест волови од Македонија ја поминаа границата во Бугарија – институциите бараат решение

Шест волови од Македонија ја преминале границата со Бугарија во близина на селото Ѓуешево кај Ќустендил и предизвикале административен и институционален проблем, пренесе Бугарското национално радио.
Животните биле забележани на територијата на селото, по што случајот бил пријавен од страна на градоначалничката. Тие биле заловени и транспортирани во привремен објект за сточарство, каде што моментално се задржани.
Бугарските институции, во координација со надлежни служби од Македонија, формирале комисија која треба да одлучи што ќе се преземе со животните. Во процесот се вклучени регионалните служби за контрола на храна, како и граничните и општинските власти.
Засега не е потврдено дали овие волови се дел од стадото говеда што подолг период се движи слободно во регионот на Крива Паланка и предизвикува проблеми и загриженост кај локалното население и сточарите.
Случајот потсетува на познатиот инцидент со кравата Пенка, која пред неколку години ја премина границата од Србија во Бугарија и, според европските прописи, требаше да биде еутаназирана. По силен јавен притисок, таа сепак беше поштедена и вратена кај својот сопственик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e