Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата шеснаесетта седница.
На седницата владата ќе разгледа повеќе информации и ќе донесе повеќе одлуки во интерес на граѓаните.
Согласно предложениот дневен ред на седницата ќе бидат разгледани информации за активнoстите на министерствата поврзани со санирање на последиците од поројни дождови, електрични празнења, силен ветер и град, како и за причинетите штети на земјоделските култури во ресенскиот и тетовскиот регион.
На 16-тата седница превидено е и разгледување на Предлог-одлука за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија во 2018 година.
Владата ќе донесе неопходни одлуки во пресрет на активностите предвидени со воената вежба и вежбовните активности на „Dragoon Guardian“ околу влегување и престојување на војска на САД на територијата на Република Македонија заради учество во заедничката вежба.
На денешниот дневен ред е и информацијата во врска со учество на Република Македонија на ЕКСПО 2020 ДУБАИ (EXPO 2020 DUBAI), како и извештајот за извршени преговори, со усогласен текст на Договорот меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Македонија, за заемно признавање и замена на возачки дозволи во двете земји.
На денешната седница владата ќе разгледа предлози и одлуки за кои Владата на Република Македонија дава мислење по барање на Собранието на Република Македонија, а кои се однесуваат на годишните извештаи и планови на повеќе агенции, регулаторни тела и јавни претпријатија.
На дневниот ред на денешната седница, пред министрите на владата се предлози за одредени кадровски и други прашања во интерес на граѓаните.