Воведувањето на системот „Безбеден град“ (Safe City) донесе неочекуван пресврт во сообраќајната слика на главниот град. Иако бројот на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и фатални последици е во опаѓање, екипите на Брзата помош во Скопје регистрираат нов тренд – зголемен број на полесни, верижни судири. Причината, според лекарите од терен, е промената на фокусот кај возачите: наместо на патот, погледот им е „залепен“ за брзинометарот.
Од почетокот на пробниот период на системот за автоматско казнување, медицинските екипи почесто интервенираат кај судири каде учествуваат повеќе возила наредени едно зад друго, што е директна последица на наглото кочење и паничното следење на брзината.
Д-р Александра Пејовска, шеф на смена во Брза помош – Скопје, го објаснува овој психолошки момент кој влијае врз безбедноста.
„Вниманието на возачите е повеќе насочено кон тоа колкава е брзината со која возат; шалт-таблата е пред нив и таму се сконцентрирани, отколку на другиот момент – сообраќајот околу нив. Е тогаш настануваат тие нагли кочења и како резултат на тоа имаме верижни сообраќајки каде неколку возила по ред се судрени,“ вели д-р Пејовска.
Сепак, таа нагласува дека позитивниот ефект е евидентен во тежината на повредите. „Откако почна првичното ’Сејф Сити‘ како пробен период, немаме несреќи со тешки последици како што сме имале претходно, но се јавува овој проблем во функционирањето на тековниот сообраќај,“ додава докторката.
Освен сообраќајниот стрес, Брзата помош деновиве се соочува и со зголемен обем на работа поврзан со здравствената состојба на граѓаните, предизвикана од наглите промени на времето.
Најголем број повици пристигнуваат од пациенти со хронични заболувања, кај кои заладувањето, врнежите и влажноста на воздухот предизвикуваат сериозни компликации.
„Промените на времето, заладувањето, врнежите и влажноста на воздухот знаат пропратно да делуваат. Хроничните пациенти сето тоа го чувствуваат и тоа се одразува на нивната состојба,“ појаснува д-р Пејовска.
За време на продолжениот викенд, од Брза помош велат дека немаат драстично зголемен број на повици, но упатуваат апел: хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија и веднаш да побараат лекарска помош при влошување, а учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, но и смирени зад воланот.
