Се подготвува интерпелација за Тошковски поради селективна истрага

Левица објави дека подготвува интерпелација во Собранието за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за селективност во истрагата по трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Пратеничката група на Левица веќе подготвува интерпелација за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поради сериозните пропусти, прикривање на директно одговорни лица и селективно водење на истрагата. Ќе инсистираме на целосна правда и неселективна одговорност – секој кој потфрлил, секој кој премолчел и секој кој свесно прикривал, мора да одговара“, објави Левица.
Според партијата, очигледно станува збор за очигледната селективност и политичка мотивираност во водењето на предистрагата и истрагата за трагичниот настан во Кочани, кој однесе млади животи и остави длабоки траги во целата јавност.
„И покрај јасните индиции за сериозни пропусти и свесно непостапување од страна на лица со оперативна надлежност, особено во рамки на МВР – истрагата, симптоматично, се насочува исклучиво кон поранешни функционери и пониски ешалони.
Свесно и тенденциозно се изоставаат од одговорност лица кои имале директна обврска да дејствуваат во моментот на трагедијата – вклучително и началничката на ОВР Кочани, началникот на криминалистичката полиција, главната инспекторка за економски криминал, сменоводителот на критичната вечер, како и други службеници од СВР Штип и Бирото за јавна безбедност. Посебно загрижува политичката поврзаност на дел од овие лица со владејачките структури, што отвора сомнежи за свесно прикривање и заштита.
Постоечките пријави против објектот, отсуството на институционална реакција, нелегалната употреба на пиротехника, како и сомнителната „рација” спроведена без учество на инспекциските служби – укажуваат на свесен институционален пропуст со катастрофални последици. Фактот дека постоела законска можност објектот да биде затворен, но тоа не било сторено, дополнително го потврдува сериозниот степен на неодговорност“, велат од Левица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e