Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија излезе со соопштение во кое тврди дека ВМРО-ДПМНЕ кулминира со ширење на лажни вести и дека времето кога институциите беа во служба на партијата, заврши со заминувањето во опозиција.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја докажува својата безидејност која кулминира со ширење на лажни вести. Крајно несериoзно е ВМРО-ДПМНЕ која е симбол за партизирање на сите институции да зборува за ваков негативен феномен. Времето кога државните институции беа партиски подружници заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Софтверскиот систем на Министерството за информатичко општество и администрација е набавен во 2014 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и истиот чини околу 2.000.000 евра. Но, според официјалните информации од Министерството за информатичко општество и администрација, за истиот систем не е набавен Изворниот код на софтверската апликација со што истата апликација не е функционална бидејќи Носителот на набавката-фирмата е носител на кодот, а не Министерството“.
Понатаму во соопштението се истакнува дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во областа на информатичкото општество се спроведувале скапи проекти и дека со доаѓањето на СДСМ, Министерството за информатичко оштество и администрација го објавува и бројот на вработени, за разлика од порано кога тоа беше тајна.
„Целиот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во областа на информатичкото општество се карактеризира со спроведување на скапи, необмислени проекти, без претходно направена анализа за користење, поддршка и потреба, најавувани како технолошко-општествени дострели, а скапо платени со огромни суми пари од граѓаните. Откако СДСМ е на власт, иако нема законска обврска, Министерството за информатичко оштество и администрација ги објавува и бројот на вработени и бројот на вработени преку агенции за привремени вработувања. За ВМРО ДПМНЕ бројот на вработени во јавната администрација беше државна тајна. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не сака ниту сега, ниту кога и да е, ниту има потреба да сокрива било што“, стои во соопштението.