СДСМ: Создаваме нова влада со полн четиригодишен мандат која ќе им служи на граѓаните со сите капацитети

„СДСМ ги продолжува сериозните разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат.

Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија. Јасно е дека државата нема друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.

Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.

Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза.

Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.

Неопходни ни се квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.

Партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен.

Разговорите за ново парламентарно мнозинство продолжуваат, потребно е стабилно мнозниство во Собранието кое ќе обезбеди формирање нова одговорна Влада која ќе движи силно напред по европскиот пат“, стои во соопштението на СДСМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e