СДСМ: Скандалот со Дака потврда за корупција во енергетиката

СДСМ тврди дека случајот со бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака претставува доказ за, како што велат, организирана корупција на највисоко ниво, обвинувајќи дека фирма поврзана со него, и покрај тоа што е на црната листа на САД, била вклучена во енергетски проекти.

Од партијата наведуваат дека „скандалот со Дака потврди дека за работа со ВМРО-ОКГ мора да се исполнети сите услови, а условот е: црната листа на САД“, додавајќи дека, според нив, и самите од власта признале дека „сите услови се исполнети“.

СДСМ посочува дека фирмата на Дака, и покрај контроверзниот статус, била ставена во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, од страна на министерката Сања Божиновска.

„Ги исполнила фирмата на Дака сите услови, а е на црната листа на САД. Па како?“, прашуваат од СДСМ, обвинувајќи за, како што велат, обиди за дефокусирање на јавноста.

Од партијата тврдат дека станува збор за бизнис поврзан со интересите на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот круг, оценувајќи дека „граѓаните гледаат и знаат“.

„Овој скандал ги потврдува сите можни сомнежи за организирана корупција на највисоко ниво во владата“, наведуваат од СДСМ.

Партијата бара Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да отвори предмет и целосно да го истражи случајот, со цел, како што велат, „да се разоткрие целата шема“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e