СДСМ по изборите: Oстануваме втора најсилна партија, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат пад на поддршката

По обработени 99 отсто од гласовите, од СДСМ соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, забележала голем пад на поддршката во споредба со минатогодишните избори.

Според анализите што ги презентира партијата, ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 135.000 гласа, што претставува пад од 30,8%, додека ЗНАМ има пад од 56.200 на 38.034 гласа, односно околу 33% помалку.

Од СДСМ нагласуваат дека нивниот резултат бележи минимален пад од 18 отсто, што, според нив, речиси не претставува загуба ако се земе предвид пониската излезеност.

Во соопштението се наведува и дека Левица има ист процентуален пад како СДСМ, иако, како што тврдат од СДСМ, нејзиното раководство „лажно се претставува како нов лидер на опозицијата“. Според партијата, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ.

„Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е значително намалена, што укажува на опаѓање на довербата во власта“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата останува втора најсилна политичка сила во земјата и дека ќе преземе мерки за понатамошно подобрување на резултатот.

Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини. Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце. СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.

Во Скопје градончалник ќе биде избран во вториот круг, пришто ќе се соочат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
Во Советот на Град Скопје на вчерашните Локални избори најмногу гласови доби ВМРО-ДПМНЕ 81.649, па Левица 27.479, „Вреди“ е трета партија со 27.337, а ДУИ четврта со 27.045 гласови. СДСМ е петта партија според бројот на гласови во Советот на Град Скопје со освоени 24.587 гласови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e