Двата новооткриени станови на азилантот во Унгарија Никола Груевски во кои Обвинителството за организиран криминал и корупција минатиот месец влезе да врши претрес, како и голем новооткриен плац на Водно на површина од 3.000 метри квадратни, со одлука на Основниот кривичен суд се замрзнати додека трае постапката против поранешниот премиер.
Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди Државниот јавен обвинител Љупчо Јовески, кој вели дека на хартија фигурираат други имиња, но дека Обвинителството пред Судот изнело сознанија и докази дека плацот и становите се всушност на Груевски.
Она што е невообичаено, е што поминаа десетина дена од одлуката на судот, а жалба на таа одлука не поднесува никој. Груевски по претресот, од Унгарија негираше дека двата новооткриени стана се негови, вели дека ги изнајмил под кирија. Ако двата стана и плацот не се на Груевски, каде се тогаш сопствениците да поднесат жалба, се чудат обвинителите.
На Водно не биле замрзнати сите нелегално купени плацеви на Груевски, туку само поскапите, кои од шума, биле трансформирани во градежно земјиште, со повеќекратно зголемена цена за метар квадратен од таа за која ги купувал додека биле корија.
Од Обвинителството велат дека другите два стана кои гласат на мајка му Надежда, а кои се лепенка до двата новооткриени, во истата зграда на Бихаќка, не ги чепкаат. Нема да биде замрзнат како имот, ни станот на мајката во Капиштец. Тој во Аеродром го продала.
Еден од новооткриените станови на Груевски на улица Павел Шатев (Бихаќка) во Скопје, покрај постоечките два на име на мајка му Надежда, е на име извесна секретарка Т.С., дознава САКАМДАКАЖАМ.МК . Секретарката Т.С. е веќе сослушана во Обвинителството, изјавила дека станот не бил нејзин, неа само ѝ било дадено да потпише дека е нејзин.
Друг стан во истата зграда, за кој исто така истражители вршеа претрес, е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“. Во едниот од овие станови Груевски, осомничен за купување плацеви и недвижнини на Водно, имал огромна библиотека. Другиот го користел како работен кабинет.
Сите четири стана, двата на име на мајка му, на секретарката и на фирмата, биле со последователни броеви. Биле еден до друг. Два од нив се споени, дознаваме од станари, и зафаќале цел агол од зградата-комплекс на Бихаќка.
Целиот текст на линкот тука