СЦ „Борис Трајковски“ ќе добие тениска арена, гимнастичка сала и сала за боречки спортови.
Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ ,Златко Перински, денеска ја презентираше новата капитална инвестиција за изградба на нова тениска арена, гимнастичка сала и сала за боречки спортови.
Новата сала ќе биде лоцирана во делот на Спортскиот центар и е прва од ваков тип во нашата држава, а единствена во регионот која ги опфаќа овие три содржини.
Тој информира за содржините на новиот објект кој ќе биде дел од центарот.
– Салата ќе биде на две нивоа, на првото на 3.159 вкупна површина ќе се наоѓаат реквизитите и борилиштата за карате, бокс и кик-бокс, помошни простории, гардероби, тоалети, и остави за потребите на клубовите. Предвидено е да се постават два душека за борачите, четири татами за каратистите и пет ринга за боксерите. Дополнително, предвиден е и простор за трим патека и простор за фитнес центар, изјави директорот на СЦ „Борис Трајковски“.
На второто ниво ќе бидат сместени затворената тениска арена со простор за 500 гледачи и кафе бар, место за падел тенис и гимнастичката арена со повеќе од 20 типови справи и трибина со капацитет од 500 гледачи, дополни Перински.
Почетокот на изборот на процедурата за најповолен понудувач се очекува на почетокот на 2017 година, а објектот е проектиран на два милиони евра.
Директорот на центарот очекува изградбата на салата да трае од 12-15 месеци, односно во првата половина на 2018 година новата арена да биде готова.