Савески во интервју за Фокус: Апасиев од Левица сака да направи сателит на ВМРО-ДПМНЕ

Очите на јавноста веќе некое време се свртени кон партијата „Левица“, каде се случуваа превирања и поделба во две фракции. Поради тоа „Фокус“ направи интервју со предводниците на двете фракции, Здравко Савески и Димитар Апасиев, за да се чујат двете страни на приказната.


Здравко Савески е доктор на политички науки, синдикалец и активист. Познат предводник e на левичарското движење во Македонија, основач на левичарските организации Солидарност и Ленка. Неговиот политички активизам кулминираше кога во 2015 година беше уапсен поради неговото учество на протестите пред кабинетот на претседателот, против аболицијата која ја потпиша Иванов. Вели дека правната битка се уште не е завршена.

Разговараше: Маја ВАСЕВА

ФОКУС: Што мислите за средбата меѓу Силјановска и Апасиев? Се коси ли тоа со идеологијата на Левица?

САВЕСКИ: Силјановска е кандидат за претседател на десничарска партија, која, исто како СДСМ, им слугува на интересите на капиталот. Левица е партија која ги штити интересите на работниците, сиромашните и обесправените. Оттука, каква била поддршка за некој од кандидатите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ се коси со идеологијата на Левица. А дури и самата средба, во услови на изборна кампања, сама по себе е изразување поддршка.

ФОКУС: Зошто тврдите дека средбата е за фотелја?

САВЕСКИ: Веројатно се имаат договорено, во случај на победа на Силјановска, Апасиев да биде советник во нејзиниот кабинет. Можно е договорот на Апасиев со Мицкоски да вклучува поддршка за Силјановска за потоа Левица, ако пучот на Апасиев успее, да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и Апасиев да добие на таков начин пратеничко место. А Левица да стане новата Социјалистичка партија на Ѕинго. Ние не можеме да знаеме што Апасиев се има договорено со ВМРО-ДПМНЕ, но дека тој човек одработува за ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од јасно.

ФОКУС: Дали би оствариле вие средба со некој од кандидатите?

САВЕСКИ: Не. Тие се кандидати на двете корумпирани врхушки што го осиромашија народот во овие три децении и не заслужуваат човек да им даде легитимитет, остварувајќи средба со нив.

ФОКУС: Како дојде до судирот во Левица и каква улога во тоа имаше отвореното противење на Апасиев за Договорот од Преспа?

САВЕСКИ: Левица е против Договорот од Преспа. Тоа е договор кој беше наложен од САД со цел остварување на неговите геополитички интереси на Балканот и Европа. Тоа е договор кој нема да ги подобри односите помеѓу македонскиот и грчкиот народ, кој нема да го намали национализмот, туку, напротив, ќе отвори терен за националистичките сили во двете земји дополнително да го заведуваат народот. И тоа е договор кој нема ама баш никаков легитимитет, кој е истуркан во Собранието преку поткуп, амнестии и менување на Кривичниот законик.

Проблемот со Апасиев е што немаше идеолошка зрелост да направи разлика помеѓу критиката на Договорот од Преспа од левичарски позиции и запаѓањето на отворени националистички позиции. Но, за тоа што тој реши преку фалсификување документи да изврши пуч во Левица далеку од тоа дека се должи на идеолошки причини. Тој влезе во дослух со раководството на ВМРО-ДПМНЕ и веројатно му е ветена одредена лична корист ако одработи и од Левица направи сателит на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи обидите преку статутарен пат тоа да го оствари не му успеаја, тој се одлучи преку фалсификување документи да изврши пуч во Левица.

Целото интервју на линкот тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e