Рекордно малку новородени во Македонија: Во 2024 се родиле само 16.061 бебиња

Македонија се соочува со продолжено намалување на наталитетот, а најновите податоци покажуваат дека бројот на новородени деца и стапката на фертилитет продолжуваат да опаѓаат. Според последните статистики, во 2024 година во земјава се родени 16.061 деца, што претставува најниско ниво досега.

Паралелно со падот на бројот на новородени, се намалува и стапката на фертилитет, објави 4news.mk Во 2024 година таа изнесува 1,44 живородени деца по жена, што е пад во однос на 1,49 во 2023 година. Трендот на намалување е забележлив и во подолг временски период – од 1,52 во 2004 и 2014 година до сегашното ниво.

Оваа стапка е значително под прагот од 2,1 деца по жена, кој е потребен за природна обнова на населението, што укажува на сериозни демографски предизвици со кои се соочува државата.

Според податоците, жените во Македонија се одлучуваат за мајчинство во сè подоцнежна возраст. Во 2024 година просечната возраст при раѓање на првото дете изнесува 27,8 години. За споредба, во 2014 година таа била 26,6 години, а во 2004 година околу 25 години.

Слични демографски трендови се забележуваат и на ниво на Европската унија. Во 2024 година во ЕУ се родени 3,55 милиони бебиња, што е намалување од 3,3 проценти во однос на 2023 година. Просечната стапка на фертилитет во Унијата изнесува 1,34 деца по жена, што исто така е пад во споредба со претходната година.

Меѓу земјите членки, највисока стапка на фертилитет во 2024 година има Бугарија со 1,72 деца по жена, следена од Франција со 1,61 и Словенија со 1,52. Најниска стапка е забележана во Малта – 1,01, како и во Шпанија и Литванија.

Податоците на Евростат покажуваат дека бројот на новородени во ЕУ е речиси двојно помал отколку пред шест децении. Во 2024 година стапката на наталитет во Унијата изнесува 7,9 живородени деца на 1000 жители, додека во 2000 година таа била 10,5, во 1985 година 12,8, а во 1970 година дури 16,4.

Сличен долгогодишен пад се забележува и во Македонија. Во 1960 година се родиле 44.095 деца, во 1970 година 37.862, во 1990 година 35.401, а потоа бројките постепено се намалуваат – 29.308 во 2000 година, 24.296 во 2010 и 19.031 во 2020 година, сè до рекордно ниските 16.061 новородено во 2024 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e