Работниците со ниски примања чии вкупни семејни приходи изнесуваат до 22 илјади денари ќе имаат можност да искористат петдневен бесплатен субвенциониран одмор вон сезона во некои од домашните туристички центри.
Станува збор за нова владина мерка што беше усвоена на вчерашната владина седница и за чија реализација веќе се обезбедени околу 60 милиони денари со Ребалансот на Буџетот за 2017 година.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција соопшти дека следните денови ќе бидат објавени два јавни повика и тоа еден на кој ќе може да се пријават заинтересираните туристички објекти и еден на кој ќе се пријавуваат работниците со ниски примања.
– По предлог на Министерството за економија, само една недела по враќањето на дневната евтина тарифа на електрична енергија, Владата донесе мерка со која им нудиме на работниците со примања до 22 илјади денари да искористат годишен одмор вон сезона во туристичките центри на Република Македонија, во вкупна вредност од 15 илјади денари, појасни министерот Бектеши.
Потврдите ќе ги издава Министерството за економија по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев ги повика менаџерите на хотелите и мотелите да се пријават на јавниот повик што ќе биде објавен во дневните весници и на веб страницата на Министерството за економија.
– Таму ќе може да ги најдат сите подетални информации за начинот на користење на средствата и за текот на реализација на програмата. Рокот за прием на апликациите за сместувачките туристички капацитети е до 5 септември годинава, истакна Донев.
Со оваа мерка, сметаат од Владата, освен што им се помага на социјално ранливите категории на граѓани, ќе се зголеми и обемот на работа во домашните туристички капацитети и ќе се направи баланс меѓу бројот на странските и домашните туристи.