Постигнавме коалициски договор со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за создавање парламентарно мнозинство и Влада со полн мандат која ќе ја предводам јас како нејзин премиер, рече денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по лидерската средба со Ахмети.
Заев сподели и дел од принципите кои ќе ги преточат во заедничка владина програма:
· Квалитетни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи од овој коалициски договор
· Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт
· Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места
· Врвна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, во јасни перспективи за младите и во рамномерниот регионален развој, да се води посебна грижа за најсиромашните граѓани и да се дава постојана поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции.
· Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат
· Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики
· Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите
· Постои коалициска согласност заштитата на животната средина, воздухот, почвите и водите да биде еден од врвните приоритети во владината програма и истата да се реализира преку мобилизација на сите државни институции, сите државни службеници, сите студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници
· Се согласивме на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите
· Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и управување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните
· Согласни сме приоритетно да ги спроведуваме сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија
· Ќе се укине Пржинска влада преку измени во Законот за Влада
· Ќе се работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори
· Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги
· Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор, коишто парламентот во претходниот состав веќе ги донесе.
· Во Собранието, законите ќе се поднесуваат заеднички после претходна координација и усогласување, при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање закони во Собранието, со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и пратениците.
Принципите во целост ќе го следат патот кој го исцртавме со членството во НАТО, а тоа е патот определен низ Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста. – порача Заев.