Своевремено важеше за еден од значајните ликови во ВМРО-ДПМНЕ. Силвана Бонева беше долгогодишен координатор на пратеничката група на тогаш владејачката, а сега опозициска партија, и се сметаше и за еден од најдоверливите и најлојалните соработници на тогашниот лидер на партијата, а сега азилант Никола Груевски.
Со зборуваше дека нејзината улога во партијата е доста моќна, од држење под контрола на нордните избраници на ВМРО-ДПМНЕ во законодавниот дом, па дури и до асистенција за дел од кадровските одлуки што се носеле во партијата.
Не беше тајна дека Бонева како пратеничка од Струмица, но која стекнала станови во Скопје, наплатувала големи пари од Собранието на основ на патни трошоци, иако не секогаш патувала од својот роден град до метрополата, и назад. Тоа и беше причина поранешното Специјално јавно обвинителство да отвори истражна постапка за предметот Друмарина. СЈО не успеа да го доврши, но затоа вчера како бомба одекна веста од редовното и сега единствено Обвинителство, дека е поднесено обвинение за една поранешна пратеничка, за кривично дело измама во службата.
А клучната поента на обвинението е дека Бонева фингирала дури 904 непостоечки патувања, од што незаконски си инкасирала дури 105 илјади евра.
„Обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Се додава и дека од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања
Се јави и Бонева, нарекувајќи го обвинението неосновано, засновано на лаги и шпекулации, или со еден збор, повитички прогон против неа.
„Очигледно е дека Обвинителството воопшто не ги зело во предвид вештачењето и доказите што ги доставив, со кои се побива нивното обвинение. Борбата за вистината и правдата ќе ја водам до крај, ако треба и надвор од македонските институции, со цел оваа тортура и валкање на моите чест и углед да престанат!
Уште од самиот почеток на овој театар наречен СЈО кажав дека ова е политички реваншизам и обид за јавно линчување на дел од поранешното раководство на ВМРО, со цел дискредитирање на Партијата и раздор во единството и сплотеноста на членството, до нејзино комплетно разнебитување.
Зарем мислите дека ако имаше било каков криминал од моја страна дека јас немаше досега да бидам осудена?! Спротивно на законот 2.5 години ја влечеа истражната постапка и не успеаја да најдат апсолутно ништо незаконско и сега и покрај истекувањето на законскиот рок за поведување на постапка, тие продолжуваат!
Во деновите што следат, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе поднесам барање до обвинителството за тоа дали по допрен глас, пишување на медиуми или кривични пријави, имаат отворено постапки против пратеници од власта под исто обвинение, во која фаза се наоѓат тие и дали имаат поднесено обвинение против некој друг пратеник?“, реагираше Бонева.
Поранешната пратеничка сега ќе се бори низ судските инстанци и во земјава во странство, за да ја докажува како што вели, својата невиност, а ќе сака да докаже вина за истото дело на сега владејачки пратеници.
Како и да е, таа некогаш беше политичка ѕвезда во подем, но очигледно не знаеше да ја искористи големата шанса што и ја даде политиката.
Извор: Фактор