Секој, кој со своите постапки, директно или индиректно го попречува спроведувањето на правдата, станува соучесник во криминалот кој се сака да се покрие и да помине без да се казни. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи токму тогаш, државата ќе ја снема!
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Додека земјата врие од протестите за заедничка но сепак “чиста” Македонија во која “клетите шиптари” треба да знаат одредени работи, и додека малолетни “ќосиња” дивеат по Скопје, ДУИ одлучи да ги стесне своите легендарни пет опции во само една долгоочекувана одлука: да влезе во влада предводена од СДСМ. И сега само по себе се поставува суштинското прашање: “А где је мандат?!” Ех, за тој пусти мандат сите наши пријатели и стратешки партнери го научија напамет членот 90 од нашиот Устав и секојдневно му го повторуваат на Иванов, де Хан, де Могерини, де Бејли, но тој сепак, има некои свои дилеми: некако рокот како да му е истечен на тој мандат па не знае што да прави, па и да сака да го даде истиот не може – оти Груевски не го вратил, а најмногу од сé се плашел од некоја “туѓа платформа потпишана во туѓа држава” која пак воопшто не му беше проблематична првиот пат кога го довери мандатот. Очекувам кај и да е и Иванов да излезе со најмалку пет опции во врска со тоа што може да се прави со мандатот, секако, откако истиот првин ќе биде пронајден.
Јас би сакала да се осврнам на петте флагрантни правни грешки што професорот од најстариот правен факултет во земјата ги направи со недоверувањето на мандатот на Заев откако истиот ги поднесе 67те потписи на пратеници со што јасно докажа дека има мнозинство во собрание.
1. Како носител на фунцијата Претседател на РМ, Иванов го прекрши членот 90 на Уставот кој утврдува дека: “Претседателот на Република Македонија е должен (значи не пишува “може”, “има право”, ниту “ако сака” туку пишува “Е ДОЛЖЕН”) во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.” Точка. Тука завршува формалната должност на претседателот на една парламентарна демократија кој во облик на формален чин го доверува мандатот додека пак мандатарот според истиот член: “во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.” Сé што Иванов треба да направи во овој случај е само да се увери дека постои парламентарно мнозинство. Бидејќи во случајов Заев го докажа постоењето на парламентарното мнозинство со доставувањето на 67 потписи на пратеници, задачата на претседателот на државата беше потполно спроведена и мандатот мораше да биде доверен. Сé што оди преку ова претставува кршење на членот 90 на Уставот на РМ
2. Со тоа што на Иванов не му беше доволно да утврди дека постои парламентарно мнозинство според потписите што Заев му ги достави (според негово претходно барање) па почна да ја истражува и политичката платформа на албанските партии како и можноста истата да биде прифатена од Заев како мандатар, тој (Иванов) грубо навлезе во ингеренциите на законодавната власт кршејќи го начелото на поделба на власта. Имено, како што објаснив погоре, програмата и составот на владата како и било каков политички договор поврзан со тоа ги оценува Собранието на РМ пред да ја изгласа новоформираната влада. Претседателот на државата во една парламентарна демократија нема никаква надлежност ниту право да даде такви оценки. Тоа што тој го направи е целосно прекршување на членот 90 на Уставот на РМ кој јасно утврдува дека Собранието го оценува програмата и составот на владата. Освен тоа, Иванов констатираше дека прифаќањето на платформата на албанските партии, за која тој рече дека била пишувана и потпишана во туѓа држава, претставува извршување на кривичното дело Загрозување на независноста на РМ од членот 308 на Кривичниот законик на РМ, бидејќи според него, ваквиот чин го доведува Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Кривичните дела ги гони јавното обвинителство, а не претседателот на државата. Кривичните дела се докажуваат пред независен суд а не пред претседателот на државата. Претседателот на една парламентарна демократија не е ни апсолутен монарх ниту пак врховен судија за да пресуди за наводни кривични дела и да го толкува според неговата воља Кривичниот законик. Додека органите на правосудството на една држава не покренале истрага во врска со некое дело, истото практично не постои во казнено-правната реалност. Јасно се гледа дека со ваквото постапување Иванов, како претставник на извршната власт флагрантно навлезе во законодавната и во судската власт, прекршувајќи го бессрамно членот 8 на Уставот на РМ кој поделбата на власта го брои меѓу темелните вредности на оваа држава.
…..
Целиот текст прочитајте го тука